Од СЗО повикуваат на трпеливост – велат, масовната вакцинација штотуку започнува. Тврдат дека нема никаков проблем со нивниот КОВАКС систем за дистрибуцијата на вакцините. Со ова ги отфрлија критиките дека системот не им функционира и дека е бадијала губење време за земјите. Повторија кој ќе биде прв на ред кога течноста што значи заштита од опасниот вирус ќе пристигне конечно и кај нас – здравствените работници, па ранливите категории на граѓани.
„Добивме информација дека вакцините преку Ковакс-системот ќе пристигнат многу скоро. Најпрво, целта ќе биде заштитата на здравствените работници како што тоа е случај во сите земји во светот. Треба да разберете дека е започнато со заштитата и потребно е време за опфатот да се зголеми и да има вакцина за секого, вели претставникот на СЗО во Македонија, д-р Џихан Тавила.
Според најавите на министерот за здравство, првите количини вакцини ќе пристигнат за помалку од еден месец. Кажа дека е подготвен оперативниот план за имунизација на населението. Прва вакцина од којашто се очекува пратка за Македонија е вакцината на производителот „Фајзер“. Населението ќе биде поделено во три категории според ризикот од болеста. Во однос на прашањето дали луѓето ќе можат да бираат чија вакцина да ја добијат – здравствените власти велат дека сите се сертифицирани и подеднакво ефикасни, па нема потреба да постои сомнеж за квалитетот ниту пак за производителите.
Веќе се резервирани дозите за нашата земја и како што најавивме и како што тие ни кажаа, со таа динамика којашто се објави. Ги очекуваме првите дози да стигнат во месец февруари. Истовремено, во изминатите неколку денови, добивме информации и од КОВАКС-системот дека и тие вакцини ќе стигнат во месец февруари. Можно е некоја од земјите со коишто разговараме, а тоа се Австрија, Бугарија, Полска и Грција да одделат некоја количина од своите, вели филипче.
Министерот Филипче заедно со претставничката на Светската здравствена организација во земјава денес присуствуваа на донација од три „biosafety“ кабинети токму од СЗО. Два кабинета се наменети за Институтот за микробиологија и еден за Институтот за судска медицина. Како што кажаа, со нив се одделува работата од форензиката со делот на дијагностика на коронавирусот – метода што се работи во овие институции.
Петар Догов