Вести Македонија

Политиките на изолација никако не одат во корист на малите држави – заклучува правната фела

Односите со Кина не смеат да бидат дел од дневната политика и партиските препукувања. За жал, тоа често се случува. Ова го оценува дел од правната фела. Анализите и заклучоците беа изнесени на дебатата во организација на Фондацијата „Конрад Аденауер“.

За држави како нашата е најдобро да бидат дел од веќе дефинирани надворешни политички стратегии, но не без согласност со нашите стратешки ориентации.

Од „Конрад Аденауер“ предупредуваат дека Народна Република Кина може да има големо геополитичко влијание во регионот и затоа Македонија мора да ги одржува односите стабилни.

„Зависи од влијанието, треба да имаме предвид дека при пристапувањето во Европската унија има и одредени правила околу тоа како треба да се справуваме со надворешни проблеми. Тоа не значи дека треба да се прекинат какви било трговски соработки и да речеме да не го учиме кинескиот јазик. Тоа и понатаму ќе си постои. Сепак треба да бидеме свесни дека Кина може да влијае на геополитичките односи во регионот. Но, доколку Македонија ги одржува односите стабилни, да речеме со НАТО во овој случај, тогаш не би требало да има никакви проблеми“, вели Даниел Браун, директор на Фондација „Конрад Аденауер“ во Северна Македонија.

Македонија е мала држава, но е членка на НАТО и дел од Западната заедница, па затоа мораме да размислуваме за тоа што се случува во светот, порачува професорот од Правен факултет, Александар Спасов.

Тоа подразбира и адаптација во односите, за да ги избегнеме штетните влијанија.

„Треба да се адаптираме за да можеме да извлечеме максимална корист од односите со, во конкретниов случај, Народна Република Кина, а притоа да ги избегнеме можните непосакувани или штетни влијанија. Затоа, прво треба да знаеме дека не постои нешто како неутрална или само прагматична надворешна политика. А, пред тоа треба да знаеме дека не постои нешто како само економски односи, без надворешна политика. Нашата држава за жал е и жртва на одредени геополитички поместувања, меѓутоа и одредени односи коишто се наоѓаат во регионот, па и односи со нашите соседи“, е ставот на Д-р Александар Спасов, професор на Правен факултет „Јустинијан Први“ – Скопје.

Економската зависност од Кина, но и целокупната, е опасна за малите земји како нашата, во поглед на капиталот кој влегува.

Ова го оценува претседателот на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“, Марко Трошановски.

„И оваа Влада сега во доаѓање, бидејќи имаше таква пракса претходно, како што имаше пракса и Владата водена од социјалдемократите, да преземаат големи финансиски обврски низ нетранспарентни процедури коишто ја прават ранлива земјата – пред сѐ економски, а со тоа понатаму следува секако и поголемо политичко влијание“, кажа Марко Трошановски од ИДСЦС на дебатата.

Секоја држава самата си ги одредува легитимните цели во надворешната политика.

Но, политиката на изолација не им оди во полза на помалите држави, особено во делот на трговијата, заклучија присутните на дебатата која се одржа на Правниот факултет при УКИМ.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(видео)Таравари објави дека крилото на АА оди во опозиција: Се враќаме меѓу граѓаните

Дејан Дејан

Телма интервју со Крис Павловски: Не сум ја организирал ниту сум ја платил посетата на македонската влада на инаугурацијата на Трамп

Дејан Дејан

„Ќе се изедначиме со ЕУ“, Трамп потпиша извршна наредба за намалување на трошоците за лекови на рецепт во САД

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе