Последното мултинационално истражување за Западен Балкан од страна на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт покажува широка поддршка за приклучувањето кон Европската унија и силно мнозинство кое ја смета руската војна против Украина за неоправдана.
Анкетата е спроведена во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија во периодот меѓу 2 февруари и 5 март 2024 година, се вели во соопштението.
На прашањето дали би го поддржале приклучувањето кон ЕУ доколку денес се одржи референдум, во пет од шесте земји силно мнозинство би гласало за приклучување кон Унијата и тоа од 68 отсто во Македонија и во Босна и Херцеговина до 92 отсто во Албанија.
Во Србија, повеќето од 40 отсто го поддржуваат приклучувањето кон ЕУ.
Директорот на ИРИ, Пол Мекарти, вели дека оваа широка поддршка покажува дека луѓето од целиот регион веруваат дека понатамошната интеграција во Европската унија може да помогне за постигнување одржлив просперитет.
Анкетата за ИРИ ја спроведе Ипсос. Податоците се собрани преку интервју лице-в-лице. Големината на примерокот по земја варира меѓу 1.036 и 1.238 испитаници, а маргината на грешка се движи од 2,8 до 3,0 поени.