Откако жители на Тетово се пожалија дека добиле значително повисоки сметки за вода и комуналии за месец февруари, градоначалникот Биљал Касами, уверува дека сите податоци ќе се обработат повторно, односно ќе се коригираат сите пропусти во новите сметки, кои ги изработи компанијата Заубермахер за сите комунални услуги. За отпад ќе се наплаќа според новата методологија, додека за вода и канализација ќе има фиксна цена, додека не се постават нови водомери, што е предвидено да се реализира до крајот на оваа година.
- „Во градот за собирање на отпад ќе се наплаќа согласно методологијата која постои, значи по метар квадратен. Вода и канализација ќе плаќаат-во стан, не повеќе од 230 денари, во куќа не повеќе од 320 денари. За шарпланинските села цената на отпадот ќе биде 340 денари, додека селата во долниот дел на општината цената за комуналните услуги ќе биде 540 денари и тука е вклучено само менаџирање со отпадот“ – изјава Биљал Касами, градоначалник на општина Тетово.
Касами вели нема да се наплаќа за гаражи, подруми и штали, дополнителни сметки кои за февруари им стигнаа на дел од жителите. Во семејствата каде што пристигнале сметки на повеќе членови, граѓаните ќе треба да пријават кој од нив ќе биде носител.
- „Се работи значи за податоци кои ние као Општина, согласно договорот, на Заубермахер сме им ги дале, а ние тие податоци сме ги зеле од Катастар. Разговаравме во текот на оваа година заеднички да работиме во делот на ажурирање на податоците се додека не дојдеме до реални податоци“ – Биљал Касами, градоначалник на општина Тетово.
Граѓаните за приговори беа препраќани до селото Палчиште, во соседната општина Боговиње, во седиштето на компанијата Заубермахер, но Касами информираше дека ќе биде отворена канцеларија и во зградата на Општина Тетово, или, пак, да се обратат во објектот на ЈКП Тетово.
Во однос на плаќањето на фактурите за февруари, жителите можат да платат само ѓубрарина, а доколку ја платат целата сума, ќе намали сметката за следниот месец.
Данијела Билбилоска