Вести Македонија

Со помош на терапија може да се живее нормално со епилепсија, потребно е да се разбијат митовите

Речиси 14.000 луѓе во Македонија имаат епилепсија. Тие може да имаат ненадејни епилептични напади. Неконтролирани движења на мускулите, проблеми со комуникација и разбирање, страв, проблеми со дишење, ненадејно грчење на рацете и привремено губење на свеста, ова се симптомите кои тие ги добиваат при напад, но тие варираат од лице до лице во зависност од видот на епилепсијата.

Болеста не поштедува никого. Секој човек може да добие епилептичен напад без разлика на возраста, полот и социјалниот статус. Оние кои ќе добијат само еден напад, а немаат тенденција за повторување на истиот немаат потреба од лекување.

Болеста може да се јави во било кој период од животот, но најчесто се појавува кај децата, адолесцентите и луѓето над 50 години. Невролозите велат дека со редовно примање на соодветната терапија пациентите можат да имаат нормален живот, да се образоваат, да работат и да оформат семејство како и сите други луѓе.

„Повеќето луѓе со епилепсија имаат нормален живот и работа со земање на терапија. Терапијата треба да се зема редовно и треба да се внимава на тригер факторите кои можат да предизвикаат епилептични напади, како на пример светла од рефлектори, редовно спиење и помалку стрес“, изјави д-р Сања Џамбазовска Зикова, специјалист невролог во ГОБ „8-ми Септември“.

Докторите сметаат дека сите луѓе треба да ја зголемат свесноста за оваа болест, која нема животно-загрозувачка состојба. Граѓаните не треба да имаат предрасуди туку да ги прифатат луѓето со епилепсија и да се едуцираат како можат да им помогнат при напад.

„За секој случаен минувач најбитно е да не го остава само лицето кое има напад. Треба да му се помогне безбедно да се спушти на земја и да се отстранат сите остри предмети кои можат да го повредат во моментот. Доколку пациентот носи наочари треба да се извадат и да се олабави тесната облека“, додаде  џамбазовска.

Докторката Џамбазовска додава дека при напад пациентите треба да бидат свртени на страна и под главата да имаат перниче. Предупредува дека не треба да се става ништо во уста и не треба да се држи јазикот.

Денеска се одбележува Виолетов ден за поддршка на лицата со епилепсија под мототот да ги скршиме бариерите, а не духот. Поради тоа Порта Македонија ќе биде осветлена во виолетово и сите граѓани можат да отидат во период од 19 до 20 часот се со цел рушење на стереотипите за невролошките болести.

Тамара Марковска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Колку ќе го чини МЕПСО раскинувањето на договорот за енергетското поврзување со Албанија?

Дејан Дејан

СДСМ: Владата не знае да се справи со пожарите, ги остави граѓаните сами со огнените стихии

Дејан Дејан

Постојат сериозни индиции дека пожарот кај Блаце е подметнат, тврди Ангелов

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе