Загрижувачки е кога човек учи од грешките и особено кога тоа се случува во медицината, затоа што во прашање се човечки животи. Во 2018 година и во 2019 година се соочивме со пандемија на морбили, сега со епидемија на пертусис, кога опфатот со вакцинација е под 90%, рече министерот за здравство Демири. За овој проблем имаат подеднакво вина и многумина наши колеги лекари кои си даваат за право да говорат во јавноста против вакцинација, но и потребно е да се донесат законски измени за казнување на здруженија на антиваксери и нивните кампањи, додаде Демири.
„Јас апелирам и за нешто друго во иднина секој еден лекар кој ќе биде вработен во јавни институции или приватни треба лично тој да биде вакциниран. Не знам каква е можноста законски, но ако има потреба ќе влијаеме во промена или додавање на законски на законски нормативи со кои ќе бидат казнети сите луѓе кои потикнуваат кампања против вакцинација“, изјави Илир Демири, министер за здравство.
Се соочуваме со епидемија на Голема кашлица, ризикот пак од повторно соочување со нови епидемии на мали сипаници е сериозно висок, смета професор Гривчева- Старделова. Влијанието на социјалните мрежи во однос на антиваксерството е огромно.
„Тоа е сериозен проблем на ниво на сите земји на Европа, сива зона за некакви објави кои не можеш да ги контролираш, но секоја пријава е нешто што ние треба да го проследиме до нашите органи и до системот на контрола на Лекарската комора, секоја пријава“, изјава проф.д-р Калина Гривчева- Старделова, претседателка на Лекарска комора.
- За колку доктори се работи кои се антиваксери ?
„Јас имам прочитано од една колешка објава на фејсбук и имам слушнато за уште една. Не знам точно нема мој фб профил, може само ако некој испрати некој па да видам, пак ќе кажам Фејсбук е сива зона. Но мораме да најдеме начин да ги мотивираме пациентите да ги пријават таквите случаи. Во некоја мерка размислувањата на родителите може да ги разбереме и нивните прашања и стравувања, но затоа ние тука како здравствени работници мора да бидеме недвојбени во нашите ставови во делот на имунизацијата и многу цврсто да стоиме на тоа“, изјави проф. д-р Александра Грозданова, национален координатор за имунизација на РСМ.
Мора да постои систем кој ќе функционира, вели педијатар Џабир Бајрами, говорејќи за искуството во Кичево.
„Значи ги повикуваме родителите, пуштаме покани неколку пати. За тие родители кои не одговараат и не сакаат да ги донесат децата на вакцинирање, ние потоа ги пријавуваме до ДСЗИ во Охрид и тие преземаат мерки. Значи ги казнуваме родителите“, вели д-р Џабир Бајрами, педијатар.
Декларација за промоција и поддршка на вакцинацијата денеска потпишаа трите медицински комори, Лекарската, Фармацевтската и Стоматолошката, Министерството за здравство, медицинските факултети во земјава и Институтот за јавно здравје.
Нина Стефанова