Црна Гора е третата земја која официјално се произнесе. Нивната граница не може да се премине со македонски пасош со старото уставно име, иако истиот е со валиден важечки рок. Оваа информација ја потврди првиот човек на Министерството за внатрешни работи (МВР). Странските држави имаат повеќе разбирање за нашите граѓани, отколку власта, вели техничкиот министер Тошковски.
Швајцарија е единствената земја која официјално извести дека го признава пасошот со старото уставно име, откако Грција ги извести сите земји дека по 12 февруари стапуваат на сила одредбите од Преспанскиот договор.
Јужниот сосед не дозволува влез со патните исправи со старото име.
„Таква информација имаме и во однос на Босна и Херцеговина, но и во однос на Црна Гора од денеска. Согласно тоа што го знам не од службите туку од добар дел од амбасадорите со коишто се видов во претходниот период, како и од страна на нашите граѓани и од новинарите, информациите се дека без никаков проблем може да се влезе и да се излезе од страна на нашите граѓани“, рече министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Во меѓувреме, МВР го зголеми капацитетот на изработка и издавање на пасоши, повторува Тошковски. Но, ограничувањето при печатењето и понатаму е пречка.
Претходно, министерот за внатрешни посочи дека има 100.000 граѓани кои имаат право на глас, поседуваат патна исправа со старото име, а притоа немаат важечка лична карта. Џафери информира дека минатиот месец имало 123.000 барања за патни исправи, од кои изготвени се 95.000.
„Имајќи предвид дека има уште педесет дена до изборите, 100 илјади луѓе коишто немаат документ со оваа динамика, во текот на месец март можат сите да се опремат со соодветни документи. Но, иницијалното е од граѓанинот, тој треба да иницира барање“, изјави Талат Џафери, претседател на Владата на Македонија.
„Ако премиерот Џафери е толку многу амбициозен дека може да се заврши сето ова, не е лошо заедно со министерот за надворешни работи кој го видов како многупати активно е загрижен за целиот овој проблем, да дојдат во МВР, ќе им обезбедам посебни кабини за да можат да помогнат во процесот на фотографирање“, додаде Тошковски.
Претходно, дополнителниот-заменик во МВР иницира внатрешна контрола за да се откријат пропустите при издавање на пасошите. За овој проблем укажа и Народниот правобранител.
Митко Бојмацалиев тврди – готови пасоши се ставале во различни категории, така се создавал хаос и сега мора да се пронајдат одговорните.
Обрасци има доволно, а бројот на изготвени пасоши и оние кои се во процедура е зголемен, потврди дополнителниот заменик министер за внатрешни.
„Кога ќе отидат граѓаните, тој пасош кој е готов им го нема на шалтер. И тоа е суштината поради која јас побарав внатрешна контрола да утврди каде тој пасош којшто е испечатен и однесен во МТВ – зошто го нема на шалтер. Вчера имав сознанија и тие ми се потврдени од внатрешната контрола, дека се најдени одредени пасоши кои ако требало да бидат ставени под буквата Б, тие биле ставени под буквата В. Тоа е еден од случаите. Внатрешната контрола и понатаму ќе испитува за да утврди зошто не се даваат готовите пасоши на граѓаните“, истакна Митко Бојмацалиев, дополнителен заменик-министер за внатрешни работи.
Денеска беше отворен новиот пункт за фотографирање за лични документи. Се наоѓа во рамки на Центарот за обука во Идризово. Има капацитет да опслужува 250 до 300 луѓе дневно, затоа што за толку има обучен кабар. Во него се работи со четири базни страници.
Петар Догов