Вести Македонија Топ вести

Нови случаи на голема кашлица во Скопје

Нови три случаи на голема кашлица регистрира Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Скопје. И овој пат тоа се општините Аеродром, Карпош и Сарај. Само еден од потврдените случаи е целосно вакциниран, другите два се делумно вакцинирани и 11-месечно бебе кое е невакцинирано.

На утрешниот состанок на Комисијата за заразни болести се поизвесно е дека ќе бидат донесени нови мерки, имајќи ја предвид актуелната состојба со пертусис во Скопје, но и можноста големата кашлица да се рашири и во останатите градови во земјава. Доенчето од Куманово со потврдена голема кашлица е невакцинирано, хоспитализирано на Универзитетската клиника за детски болести е со стабилна клиничка слика, во меѓувреме е информиран и ЦЈЗ Куманово.

„Клиничката слика на детето е добра и во моментот на прием е со стабилна клиничка состојба,  но со симптоми кои укажуваат и индицираат потреба од дополнителни иследувања. И денес клиничката слика е добра. Секоја нова инфекција се документира и за тоа најпрво се известува Институтот за јавно здравје. Тие ја имаат информацијата во истиот момент, а утрово се испратени и писмени пријави до Институт за јавно здравје во Скопје и пријава до Центарот за јавно здравје во Куманово“, изјави проф. д-р Светлана Кочева од Универзитетската клиника за детски болести.

На Универзитетската клиника за инфективни болести минатата недела е прегледан само еден пациент со пертусис, потврден во Институтот за јавно здравје, со стабилна клиничка слика и пуштен на домашно лекување. Станува збор за 29-годишен маж, со сите редовно примени вакцини.

Во упатството кое го изработи Институтот за јавно здравје за следење на голема кашлица и постапување при појава на епидемија кое е доставено до Министерството за здравство и центрите за јавно здравје во однос на изолација е забележано:

„Невакцинирани/нецелосно вакцинирани блиски контакти на возраст под 7 години треба да се исклучат од градинка, училиште и јавни собири во тек на 21 ден од последниот контакт со заболено лице доколку не земаат антибиотик или најмалку 5 дена од почеток на земање на антибиотикот (доколку примаат хемиопрофилакса)“, соопштија од Институтот за јавно здравје. 

Градинките и Министерството за труд и социјална политика чекаат дополнително усогласување на насоките и заклучоците  на Комисијата и на Министерството за здравство за да дејствуваат и да не примаат децата кои се невакцинирани и делумно вакцинирани.

Лицата со блага форма на болеста кои не знаат дека имаат голема кашлица, се заразни од појавата на првите симптоми. Заболените се најзаразни до околу 3 недели по почетокот на кашлицата.

Нина Стефанова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Уште еден „Марш за ангелите“ попладне во Кочани

Дејан Дејан

„Бајач“ од Трубарево измамил брачен пар од Берово за 400.000 евра

Дејан Дејан

Сторија од Преспа: Природата не е депонија!

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе