Македонија Топ вести

Односот на регионот и ЕУ како отворена врска во која се е можно?!

Одлуката на ЕУ да не ги почне преговорите со Македонија и Албанија е потврда дека регионот е заборавен во мноштвото други теми со кои е прекупирана ЕУ, вака поранешниот црногорски амбасадор во НАТО и ОБСЕ, Веско Гарчевиќ, за Дојче Веле ги анализира последните случувања. Блокадата на која одеднаш инсистира Софија, вели, им одговара на оние кои не сакаат проширување. Од друга страна, пак, одредени членки, како Бугарија, иако имаат проблем со сопствениот имиџ, ја користат сегашната ситуација во Унијата своите внатрешнополитички прашања да ги претворат во проблем со кој треба да се занимава Брисел. Но, последиците од ваквиот пристап се многу сериозни, не само за регионот, туку и за самата Унија.

Односот меѓу државите од регионот и Брисел потсетува на отворена врска во која сите исходи се можни, иако тоа не изгледаше така кога почна романсата во 2003 година во Солун. Објективно треба да се погледнат во лице обата партнери и да се заклучи дека ниту еден не е искрен до крај, бидејќи се плашат од она за што најмногу зборуваат- трајна договорна врска. Но, кога партнерот се чувствува запоставен, тој се врти кон некој друг. Засилувањето на национализмот, идејата за прекројување на границите и падот на популарноста на ЕУ се одвива паралелно со засиленото присуство на Русија и Кина, кои се покажуваат како посакувани алтернативи за незаинтересираната и ситничава ЕУ, оценува гарчевиќ.

Кога е во прашање ЕУ, државите како Црна Гора или Македонија сметаат дека сториле доволно, мораа да донесат политички болни одлуки и очекуваат тој напредок да биде признаен. Но, професорот смета дека, во очите на Холандија, Данска, Шведска, Франција или Германија, тоа не е доволно. Улогата на „мрзелив ученик“ кој мисли дека со послушност ќе го надомести тоа што не се подготвил за часот, не е пристап кој помага. Се бараат сериозни реформи во правото и борбата со корупцијата.

Лидерите во регионот, послушноста кон Брисел ја дигаат на ниво на државна религија за на друга страна да сокријат дека всушност не прават доволно за да ги реформираат своите држави. Еднаш може да се влезе во театар без да се плати билет. Може да се хакира и компјутерска програма за да не се плати лиценца. Може да се биде и горд поради таквите „достигнувања“. Но, не може да се хакира влезот во ЕУ, колку и да се чини дека тоа им успеа на некои членки пред нас, вели гарчевиќ.

Тој смета дека повикот на германскиот државен министер Михаел Рот за старт на преговорите со Скопје и Тирана, сепак се „зрак надеж во овие сиви денови на Западниот Балкан“. Според него, се чини, дека Германија е единствена од големите држави во ЕУ, која се обидува да го одржи во живот проширувањето, што не е доволно да се смири разочарувањето кое се шири низ регионот на Западниот Балкан.

Победата на Џо Бајден на претседателските избори во САД, вели,  може да донесе нова енергија во односите меѓу европските сојузници и САД, кои би можеле да биде корективен фактор на политиката на Брисел, што би било добро за Македонија, Црна Гора и особено за Босна и Херцеговина.

Далиборка Демјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Изборот беше тежок поради квалитетот на кандидатите, тврди претседателката Силјановска за предлогот, Славески да биде нов гувернер

Дејан Дејан

Претседателката го предложи претседавачот Славески за гувернер на Народната банка

Дејан Дејан

Мицковски: Нека постапуваат надлежните за градбата во Прилеп

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе