Кој го крши Деловникот, а кој продава лажен морал?! Низа обвинувања беа изнесени на Комисијата за европски прашања. Пакетот закони со европско знаме на Министерството за информатичко општество и администрација „раситнет“ се најде на расправа.
Законите за јавната администрација и за дигитализацијата беа ставени на Дневен ред. Иако дел од пратениците побараа дополнување на истиот, сепак Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги не се најде пред членовите на Комисијата.
Пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Милошоски, обвини дека нема волја кај претседателот на ова тело, пратеникот Арбр Адеми од ДУИ и дека се бараат изговори за да не се регулира Законот за аудиовизуелни медиумски услуги. Затоа побара да се закаже нова седница, за пратениците да имаат време да предлагаат амандмани.
Претседателот на Комисијата за европски прашања, Адеми, возврати дека ќе продолжи во склад со Деловникот и ќе остави доволно време за поднесување на амандмани.
„Имаме некои информации дека постојат и заинтересирани чинители во државата на коишто не им одговара регулирање на овој Закон и унапредување на тие стандарди за да нема пиратерија во кабелските оператори“ вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.
За процедурална забелешка се јави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Мицевски.
„Немав намера да се јавувам за процедурално, но еве затоа што колегите пратеници од Комисијата за Европски прашања се присутни тука и се чудат. дали ова е претседателот на Комисијата, којшто сега нѝ кажува одредби од Деловникот и дали ова е истиот човек кој завчера на истата оваа Комисија за Европски прашања го помина Законот за игри на среќа без да дозволи да се дискутира, да се заврши и да се гласа по одредени амандмани“ прашува Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
На предложениот Дневен ред за седницата се најдоа Предлог-законите за административни службеници, за стручно усовршување и обука на административните службеници, за вработените во јавниот сектор и законот за безбедност на мрежни и информациски системи и дигитална трансформација.
Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги кој подолго време не се наоѓа како точка на дневен ред, а има и европско знаменце, треба да ја спречи енормната пиратерија на канали од регионот и други странски канали, со што се прави директна штета и на корисниците, но и на телевизиите и на кабелските оператори.
Со носење на овој закон треба да се регулира и телевизискиот пазар според комерцијални принципи. Ваквото законско решение треба да помогне во унапредување на правата на медиумските работници.
Со законот за аудиовизуелни медиумски услуги треба да се регулира и правото за емитување кампањи од јавен интерес, особено од областа на здравствената заштита.
Петар Догов