Грчката компанија не можела да обезбеди кредит од банка за да го гради Чебрен. Ова беше една од многуте работи кои ги наброја министерката Шукова, како причини зошто и 14 тиот тендерот за хидроцентрала заврши без успех. На долгиот брифинг со новинарите кажа дека грчки Архиродон барале промена во условите, бидејќи со пропишаните во тендерот не можеле да ги обезбедат потребните пари, за проектот кој се процени дека ќе чини над 1 милијарда евра со камати.
-Знаете дека беше Ковид криза, енергетска криза се променија условите на пазарот и најверојатно тоа имаше влијание во одлуката. Навистина не сакам да навлегувам во одлуката на една компанија за овој процес, вели министерката за животна средина Каја Шукова.
Но, спомена и дека имало голем притисок во јавноста од страна на експерти, Чебрен да не се дава во рацете на странци, туку државата да го гради сама и дека можно е сето ова да влијаело на одлуката. На 15 декември ги известиле дека нивната банкарска гаранција истекува на крајот од годината, но повратен одговор од таму не добиле. Комуникацијата за овој децениски проект генерално се одвивала преку мејлови. Банкарската гаранција од 1, 4 милиони евра нема да се активира затоа што компанијата не ја повлекла понудата туку едноставно не го потпишала договорот во утврдениот рок. Што ќе се случува сега со Чебрен, Шукова рече дека за тоа најдобро е да решат експертите од областа на енергетика.
-Јас мислам дека треба оние кои се бават со енергетика, бидејќи долги години поминаа да седнат и да видат како треба да се развива овој процес понатаму. Дали треба да се оди со концесионер или да гради државата ја би го оставила тоа на енергетичарите, додава Шукова.
Откако, во септмеври на седница се донесе одлука грчката државна компанија за производство на енергија да го гради Чебрен, Владата беше повеќе од сигурна дека овој пат проектот конечно ќе успее.
За 20 тина години се променија повеќе владини гарнитури, но ниту една не успеа да ја изгради централата на Црна река.
Ирена Чачкова