Наке Чулев најверојатно повторно ќе биде предложен за министер за внатрешни работи доколку ВМРО-ДПМНЕ се одлучат за учество во техничката влада, дознава Телма од извори од партијата. Чулев беше министер во претходната техничка влада, кога премиер беше Оливер Спасовски.
Извесно е и дека Цветан Трипуновски повторно ќе седне во заменичката фотеља во министерството за земјоделство, но и за оваа, како и за другите позиции партиските органи ќе одлучуваат по Божиќ.
Дел од членството се` уште е со мислење дека ВМРО-ДПМНЕ воопшто не треба да учествува во техничката влада, но преовладува мислењето да учествуваат најмногу поради тоа, да се спречат можни манипулации со изборите.
Стравот е повеќе насочен кон ДУИ, отколку кон СДСМ, особено по случувањата во Државната изборна комисија, со чие испразнето место се калкулулира со месеци.
Кадрите на СДСМ во техничката влада се веќе познати, во најголем дел остануваат актуелните министри, освен дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, за чие место е предложен Митко Бојмацалиев, актуелен шеф на кабинет на министерот Оливер Спасовски.
Веќе кон средината на месецов, премиерот Ковачевски и претседателот на Собранието, Џафери,треба да си поднесат оставки на функциите.
Прва собраниска седница во новата година е закажана на 16 јануари, со што е отворена можност тогаш да им бидат констатирани оставките.До 28 јануари треба да биде избрана новата техничка влада.
Далиборка Демјанска Цветановска