Владата на денешната седница донесе одлука за набавка на лекот Трикафта за болните од цистична фиброза, во вкупна вредост од речиси 14 милиони евра. Се работи за лек, одобрен од Европската медицинска агенција, а ефектот од терапијата според Министерството за здравство е брз и одржлив и се користи како стандардна терапија за третман на пациенти со оваа болест, на возраст од над 6 години.
Овие пари ќе гарантираат пациентите кои веќе го примаат лекот, дека терапијата ќе продолжи и во наредните две години, а доколку останат пари ќе се набави Трикафта и за нови пациенти.
Министерството за здравство има обврска и да достави предлог програма за обезбедување терапија за пациенти со цистична фиброза за 2024 година.
Во земјава со оваа болест живеат над 130 лица. Минатата година болните од цистична фиброза, беа на протести пред Министерството за здравство и ја побараа потребната терапија.