Град Скопје е задолжен за санација на надвозникот во Визбегово, така е утврдено на денешниот состанок во Центарот за управување со кризи. На состанокот разговарале преставници од Министерството за транспорт и врски, Министерството за внатрешни работи, Републичкиот совет за безбедност во сообраќај и Општина Бутел.
„На овој состанок се донело заклучок дека надлежност над овој мост има градот Скопје. Поточно, тоа го потенцирале од Министерството за транспорт и врски дека со одредена одлука на Влада ваквиот тип надвозници над магистрални патови има надлежност во градот Скопје-град Скопје“, вели Дарко Костовски, градоначалник на Општина Бутел.
На состанокот иако биле поканети, не присуствувале претставниците од град Скопје. Телма побара одговор од нив кога ќе почнат со санација на надвозникот, на што одговорот беше дека надлежна за надвозникот е Општина Бутел.
„Во Законот за јавните патишта е предвидено дека: Општински пат е јавен пат кој поврзува населени места и е од значење за сообраќајот во општината. Во Законот е предвидено дека: ’Објекти на јавен пат’ се: мостови, подвозници, надвозници, пропусти, тунели, галерии, потпорни конструкции, подземни и надземни премини, објекти за наплата на патарина и слично. Од тие причини, бидејќи натпатникот на секундараната сообраќајна мрежа поврзува населени места на територијата на Општината, и е под надлежност на Општина Бутел. До денешен ден, се уште ништо не е преземено од страна на Општина Бутел во врска со овој натпатник“, се наведува во одоговорот од Град Скопје.
Директорот на ЦУК кој вчера алармираше за проблемот смета дека единствено привремено решение, додека да се одлучи кој е надлежен за санација на надвозникот, е забрана за поминување на тешки товарни возила.
„Стапив во контакт со Генералниот секретар на градот Зоран Глигоров кој ми објасни дека тие немаат надлежност за надвозникот во Визбегово. Ни пратија и соопштение каде што се повикуваат на законот и тврдат дека тие не се надлежни. Истовремено и претставниците на Општина Бутел тврдат дека тие не се надлежни, вели Стојанче Ангелов, директор на Центар за управување со кризи.
На барање на Ангелов, Општина Бутел денеска ги отстрани бетонските коцки кои беа расфрлени по надвозникот и претставуваа опасност за граѓаните кои со своите возила поминуваат под него. Заедно со нив отстранет е и сметот кој вчера беше таму. Мостот е исчистен, но вибрациите кога поминува некое возило останаа.
Тамара Марковска