Вести Македонија Најважни

Изгореа 14 тони бои, лакови и други хемиски средства – дводневната борба со огнот не спаси ништо во магацинот во тетовско Фалише

Дводневната борба со огнот не остави ништо од магацинот, во близина на тетовско Фалише. Сѐ што имало внатре е пеплосано. Пожарникарите уште вчера успешно го локализираа пожарот, но ништо од магацинот не можеше да се спаси.

Поголемиот дел било железарија, а мал дел за бои, лакови и други хемиски препарати. Во огнот изгореа 14 тони бои и лакови и други хемиски средства, велат официјалните информации на Центарот за управување со кризи.

„Според информациите коишто ги добив од газдите ова е железарија. Ама во железариите обично продаваат и бојлери, плински боци, пластика, бои и лакови. Тоа сигурно имало внатре. Вчера имавме и експлозии. Јасно е тоа дека боците можат да пукаат внатрешно и како што можете да видите и самите, ѕидовите пукнале од детонациите“ вели Авни Ахмети, командир на ТППЕ-Тетово.

Отровните честички се испуштени во атмосферата и веќе се присутни во воздухот. Загадени се и почвата и водите, вели министерката за животна средина, Каја Шукова.

Апелираше до жителите во околината да внимаваат и барем неколку дена да не јадат од земјоделските производи од околните ниви.

„Евидентно е дека ќе има загадување на воздухот. За жал ние не можеме да го измериме истото бидејќи е од органски испарливи материи. Јас уште вчера бев во комуникација со директорот на Центарот за управување со кризи и со министерот за здравство и дадовме препорака граѓаните да не излегуваат без потреба, а вратите и прозорците на домовите да бидат затворени. Сепак станува збор за поголем распон и не е ова само за околу објектот туку загадувањето преку воздухот се шири и на стотици метри. Нашата препорака до граѓаните е да внимаваат овие неколку дена, а надлежните институции тоа што може да го направат и да го евидентираат секако дека ќе ја информираат јавноста, вели министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова.

Во близина е малото населено место Фалише, со помалку од илјада жители. За нив најмногу важат препораките од властите.

Професорите алармираат дека овој случај дополнително ќе го засили аерозагадувањето во Тетово. Овој град е еден од оние кои често се на листата на најзагадени европски и светски градови. Но, тетовчани поделени во ставовите го коментираат проблемот.

„Не смрди. Убаво е ете, Шар Планина е близу“ вели жител на Тетово.

 

„Воздухот е загаден и со и без пожарот. Ние секако дишиме тежок воздух овде“ додава друг негов сограѓанин.

Професорот од Институтот за хемија, Јане Богданов, во телефонска изјава за Телма вели – треба да се дознае идентитетот на хемикалиите и од соодветни безбедносни листи да се направи проценка на ризикот и да се преземат мерки за заштита.

„Тука најверојатно станува збор за органски растворувачи, некои полимери во зависност од препаратот. Тоа што гори најверојатно е од растворувачи. Ако се органски растворувачи, не би се очекувало да има штетни материи ако е потполно согорувањето. Повеќе би се очекувало да има од пластиките и тие другите адитиви. Треба да се преземат соодветни мерки за заштита на противпожарните екипи и исто така и на локалното население, ако се тука во близина“ вели д-р Јане Богданов од Институт за хемија при ПМФ – УКИМ.

Ова не е првпат да гори ваков тип на објект во Тетово. Увидните екипи чекаа целосно да биде изгаснат пожарот за да почнат да собираат докази за вештачење и да се откријат точните причини, но и околностите во кои избувна огнот.

Неофицијално, во случајов станува збор за проблеми со електричното напојување.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Рашче под притисок, дивите приклучоци го уништуваат капацитетот

Дејан Дејан

Разговори за можно примирје во Појасот Газа во Белата куќа- Нетанјаху на вечера кај Трамп

Дејан Дејан

Продолжуваат спасувачките напори во Тексас – над 100 загинати

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе