Со намалувањето на ковид пандемијата и зголемувањето на тестирањата за сексуално преносливи болести, на Инфективната клиника последниве години биле забележани 40 до 50 нови случаи на позитивни пациенти на ХИВ вирусот. Таа бројка расте и годинава, со откриени 46 нови ХИВ позитивни, од кои повеќето се од машката популација. Се променил и трендот на ХИВ инфицирани, годинава. Од доминантно во минатото кај хомосексуалците, сега кај хетеросексуалните мажи, вели д-р- Велимир Савески.
- За 2023 година имаме 46 нови случаи на ХИВ, од кои 41 случај се на редовен антивирусен третман. Она што сакам овде да го кажам клучно, е дека 1/3 скоро од пациентите се откриени во доцна фаза на болеста. Тоа е она што за кај нас е поразително. И овој факт генерално е предизвик за многу голем број европски земји, вели д-р Велимир Савески од Инфективната клиника.
За разлика од женската популација која е многу поотворена за проблемите со сексуалното и репродуктивното здравје зашто посетува матични гинеколози, мажите се многу позатворени на оваа тема. Затоа е потребна едукација, велат од Асоцијацијата „ Хера“.
- Информациите и фактите велат дека 36% од младите кои што се сексуално активни не користат заштита, не користат кондоми, вели Весна Матевска, програмска раководителка во „ Хера“.
Во ноември, како месец за грижа за машкото здравје, „ Хера“ се приклучува кон Европската недела на тестирање за ХИВ и за други сексуално преносливи инфекции. А, мотото на кампањата е „ Грижи се за себе“.
- Секое трето лице во земјава кое што е ХИВ позитивно, фактите велат дека не е свесно за својот ХИВ позитивен статус. Токму заради тоа, поттикнуваме, мотивираме, мажите и момчињата да се тестираат за ХИВ и дополнително да добијат бесплатни тестови , пакет услуги за Сифелис, Гонореа и Кламидија, вели Матевска од „ Хера“.
Според доктор Савески, доколку се открие ХИВ во рана фаза , со примање терапија пациентот ќе има квалитетен живот. Во спротивно , може да добие СИДА и да заврши на Интензивна нега. Тој апелира државата да ги нормализира тестирањата и лекарските прегледи.
Бесплатното тестирање за ХИВ и други сексуално преносливи болести во „ Хера“ ќе се одвива од 20 до 26 ноември, со закажување во нивните младински центри на телефонскиот број 02/ 3176-950. А, тестирања се вршат и на Инфективната клиника, чија амбуланта за потребите на пациентите има психолог и социјален работник.
Сотир Трајков