Поголемите партии кај Албанците, по изборите во 2016 година, како што беше ДУИ наместо да се грижат да се оформат самите себеси по идеолошка основа, останаа тематски партии кои не знаат за што се залагаат – претставуваат секакви цели од „зелени“, воени, рече претседателот на Алтернатива, Африм Гаши во вечерашното издание на „Вин-Вин“ на Телма ТВ.
„И наместо да се занимаваат со себеси, почнаа да се занимаваат со нивните противници. Неколку пати сум рекол и сакам да повторам. Ако ДУИ толку работеше во Влада, колку што работи да прави раскол на нивните конкуренти, денеска ќе беше прва партија дури и кај Македонците. Но, секогаш е деструктивно настроена и енергија ја вложува во правење раскол на нејзините противници“, изјави Гаши.
Според него, таа политичка формација која произлегува од Движењето за ослободување на Косово, организација од 80-тите години, со идеолошки маркс-ленинистички предзнак.
„Тие се научени да бидат деструктивни и да го напаѓаат противникот. Тие не знаат да бидат креативни и афирмативни. Знаат само како да рушат. За жал, за овие 20 години не успеаја ништо асално добро да направат, туку целата енергија ја насочија на тоа како да им направат раскол на ДПА, па на Беса, па сега на Алијанса. И секаде праќаат свои луѓе. Кога им треба, секогаш имате три-четири партии кои се формираат по налог на Али Ахмети и ќе видите дека по некои месец дена тој ќе ги покани во коалиција и ќе излезе дека божем направиле широка коалиција. Тоа се луѓе кои одамна работеле за него. Многу низок, а прескап театар“, нагласи Гаши.