Инфлацијата во октомври е 3,5 проценти, објави Државниот завод за статистика. Редовните мерења покажале намалување на индексите на трошоците на животот во октомври годинава, споредено со септември годинава, кога инфлацијата беше 6,6 насто.
Намалување е забележано кај лебот, млекото, јајцата, зеленчукот, безалкохолните пијалоци. Пораст е забележан кај шеќерот, медот, чоколадата, кафето, чајот, жестоките пијалоците. За министерот Бектеши ова е доказ за успешноста на мерките. Тој најави и нов пакет антикризни мерки.
- „Имаме речиси преполовена инфлација во септември и октомври, споредено со истите месеци минатата година. Пакетот антикризни мерки вчера беше споделен од страна на Министерството за финансии и со кабинетот на претседателот, но и со нас како Министерство за економија, а воедно и со другите вклучени во дизајнирање на мерките. Најверојатно кон средината на следната недела или пак кон крајот на неделата ќе бидат објавени и ќе почнат со реализација“ – Крешник Бектеши – Министер за економија.
Наспроти фалбите на Владата, граѓаните искрено одговараат – очекуваат цените да продолжат да растат. Податоците се од анкета на Finance Think спроведена преку интернет и на примерок од 334 испитаници. Во очите на граѓаните властите се највиновни за растот на цените годинава, пред тргвоците кои се на второ место според одговорите.
- „Една третина од испитаниците, како главна причина за очекувано зголемување на цените на краток рок го наведуваат однесувањето на трговците. Сепак, потезите на Владата за управување со ценовниот притисок, или нивното отсуство, е високо-рангирана главна причина. 17.2% од испитаниците одговориле дека очекувањето за повисоки цени се должи на тоа што Владата неодамна го покачи ДДВ-то за група производи“ – Finance think.
За споредба, според податоците на ДЗС, во август инфлацијата на годишно ниво беше 8,3 отсто, а еден месец пред тоа 8,4 отсто, додека во јуни изнесуваше 9,3 отсто.
Петар Догов