Вести Свет Топ вести

Израел напаѓа и од воздух и од копно, болниците полни со ранети цивили, помошта едвај стигнува – 20 дена војна Израел – Хамас

Нереална тишина по улиците на јужниот израелски град Сдерот, еден од првите градови нападнати од милитантите на Хамас на 7 октомври. Улиците се празни, продавниците затворени, само неколку мачки и кучиња талкаа наоколу. Десетици луѓе беа убиени во Сдерот, на само неколку километри од границата со Појасот Газа. Во борбите загинаа повеќе од 1.400 луѓе во Израел, Хамас држи најмалку 224 заложници во Газа. Министерството за здравство во Газа соопшти дека повеќе од 7.000 Палестинци се убиени во војната – бројка што го вклучува спорниот биланс од експлозијата во болница. Палестински амбасадор во Женева испратил над 1.000 фотографии од деца убиени во напади во Газа и барал од шефот за човекови права на ОН да ги побара имињата на израелските жртви од нападот на Хамас на 7 октомври.

  • Побарав од високиот комесар да побара од израелската страна да му ги даде имињата на израелските жртви. Сега зборуваат за 1.400. Што зборуваме? Ќе ги донесеме сите имиња затоа што ќе ги следиме. Нема да ги оставиме оние семејства кои целосно истребени. Мораме да ги следиме и подоцна ќе побараме надомест и за нивните права, соопшти Ибрахим Краиши, постојана набљудувачка мисија на Палестина во Женева 

На теренот на Газа, Агенцијата на Обединетите нации за помош соопшти дека околу 629.000 бегалци сега се засолнети во 150 локации на ОН низ Појасот Газа. Брисел донесе одлука за речиси тројно зголемување на хуманитарната помош за Газа. За денеска се планирани два лета со 56 тони лекови и храна информираше фон дер Лајен.

  • Понатаму, брзо напредуваме во спроведувањето на дополнителните 50 милиони евра дополнителна хуманитарна помош за Газа. Можеби се сеќавате дека хуманитарната помош за Газа беше планирана 25 милиони и пред една недела, приближно, ја зголемивме тројно на 75 милиони евра. Сега треба да се спроведат овие дополнителни 50 милиони. Утре ќе потпишеме договори во вредност од 40 милиони евра со агенциите на ОН, а останатите 10 милиони ќе ги искористиме за летот со воздушен мост што штотуку го споменав, изјави  Урсула фон дер Лајен, претседател на Европската Комисијата

Израелските одбранбени сили во текот на ноќта извршија втор копнен напад во Појасот Газа врз локациите на Хамас. Според армијата нападот кај населеното место Шуџаја го извела пешадија, борбени инженерски и оклопни сили. Израелските сили ја напуштија областа по неколку часа, а нема извештаи за повредени, но Хамас тврди дека речиси 50 заложници загинале за време на израелското бомбардирање на Газа. Израелскиот одбранбен систем „Железна купола“ неутрализира голем број ракети истрелани од палестинска територија доцна синоќа. Голем број ракети беа пресретнати над Тел Авив додека сирените за воздушни напади постојано се огласуваа во текот на ноќта. Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант нагласи дека Израел е подготвен и за Хезболах кој оперира на северот од земјата.

Во меѓувреме, ракета падна и во близина на египетското одморалиште Таба на Црвеното Море, кое се наоѓа во близина на границата со Израел. Повредени се шест луѓе, јавуваат египетските медиуми. Без знаење на Израел, САД објавија дека нападнале две локации во источна Сирија, тврдејќи дека биле користени од Иран и групи поврзани со него. Овие американски напади, кои биле изведени со борбени авиони „Ф-16“, се одвоени и различни од актуелниот конфликт помеѓу Израел и Хамас. Според Пентагон, во изминатите денови во напади со дронови и проектили на воени бази во Сирија и Ирак бил повреден 21 припадник на американските сили.

За денеска е закажано гласањето во Советот за безбедност на ОН за итен прекин на огнот, откако деновиве се одвиваа жестоки распрвии, по говорите на израелскиот и палестинскиот амбасадор кои на висок тон ги објаснуваа страдањата кои ги преживува секоја страна во оваа тринеделна војна.

Билјана Ставрова

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Стотици илјади луѓе учествуваа во Парадата на Гордоста во Будимпешта

Дејан Дејан

Владата ќе стимулира млади брачни парови да се станат градинари и фармери, но земјоделците не гледаат перспектива во аграрот

Дејан Дејан

Американската амбасада ги предупреди своите државјани да избегнуваат подрачја во Белград

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе