Вести Македонија

Пари има, нека не нè лажат – протест на тетовските пензионери за повисоки пензии и подостоинствен живот

Околу еден час група пензионери го блокираа сообраќајот на влезот на Тетово, по вторпат во две недели, со што уште еднаш го изразија своето незадоволство од ниските пензии. Тие велат дека не се откажуваат од нивното барање за повисоки пензии и линеарно покачување.

Претседателот на тетовското Здружение на пензионери вели дека оваа категорија граѓани е запоставена, поради што дошло време преку протести да бараат подостоинствен живот.

„Триесет и две години молчеле. Но, сега, бидејќи има многу проблеми, многу се ниски пензиите, донеле заклучок пензионерите на ваков начин, преку протестите да треба да ги добијат правата нивни“, изјава Селвер Мемети, претседател на Здружение на пензионери – Тетово.

„Пари има, нека не нè лажат. Нека седнат, нека ги решат роблемите на пензионерите. Ние продолжуваме и понатаму. Цело Скопје ќе го блокираме. Се чека ден и датум“, изјава Летка Мишовска, пензионерка

„Во бифето на Владата имаат доручек ручек и вечера за 250 денари, за нив, а за нас не. Ковачевски нека ги извади тие розеви наочари. Да го види овој народ кој стои по улици, гладува“, изјава Ленче Симовска, пензионерка

Од Министерството за труд и социјална политика известуваат дека до Владата се доставени предлог мерките, креирани од формираната работна група, кои имаат за цел да го подобрат квалитетот на живот на социјално ранливите категории на пензионери, како и за Законот за минимална пензија. Велат одлуката која што ќе ја донесат ќе одговори на потребите.

„Со последната средба на работната група, креирани беа предлог мерките кои се доставени до Владата и кои треба да бидат ставени на разгледување. Кога ќе биде донесено финалното решение медиумите ќе бидат навремено и соодветно известени. Министерството информира дека гласот на граѓаните е слушнат. Тоа и беше причина зошто работната група се сретнуваше со зголемен интензитет. Ќе донесеме одлука која ќе одговори на потребите на пензионерите посебно на оние со ниски примања, а воедно нема да влијае на стабилноста на фондот за пензиско и инвалидско осигурување“, информираат од Министерство за труд и социјална политика.

Во изминатиот период, пензионери од повеќе градови низ државата протестираа, барајќи линеарно зголемување на пензиите за 5.000 денари и изедначување на минималната пензија со минималната плата во државата.

Данијела Билбилоска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Независните бараат од 20 до 100 потписи за кандидирање во општина

Дејан Дејан

Пратениците му скроија пензија на Народниот правобранител Зибери на половина мандат- власта распиша оглас за нов омбудсман

Дејан Дејан

Граѓаните потрошиле 30 отсто повеќе пари, а купиле 7 отсто помалку прехранбени производи

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе