Пред очите на двегодишната ќерка, 25-годишен скопјанец брутално ја нападнал сопругата со која бил во бракоразводна постапка. Иако имал судска забрана да и се доближува тој под дејство на алкохол завчера вечер дошол пред нејзиниот дом. Почнал да ја навредува, а потоа и физички ја нападнал, ја влечел за косата, ја изгребал, ја гризнал и ја зграбил за вратот.
„На оштетената и нанел видливи повреди и продолжил да и се заканува, одземајќи и го телефонот. Жртвата успеала да се оттргне и да избега од местото, засолнувајќи се во зградата отспротива додека случајна минувачка не повикала полиција“, соопштуваат од ОЈО Скопје.
Но ова не му било прв пат на насилникот да ја малтретира жртвата и да ја прекршува привремена мерка за заштита од семејно насилство која опфака забрана да ја малтретира, телефонира, вознемирува, контактира и да и се приближи на растојание помало од 100 метри. Ваквите забрани, ги прекршувал, а оштетената во неколку наврати пријавувала во полиција информираа од обвинителството од каде бараат и судот да му определи притвор.
„Особено имајќи предвид дека осомничениот во континуитет претходно физички и психички ја малтретирал оштетената, јавниот обвинител оцени дека постојат околности кои го оправдуваат стравот дека тој ќе го повтори кривичното дело или ќе го изврши кривичното дело со кое се заканува. Со такво образложение, обвинителот до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице“, се додава во соопштението на ОЈО Скопје.
Обвинителството поведе постапка за две кривични дела против него. Едното е „Телесна повреда при семејно насилство“ за кое е пропишана казна затвор од шест месеци до три години и „Неизвршување на судска одлука“ од една до пет години затвор.
„Ако институциите ажурно реагираат на првото прекршување на мерките нема да дојде до следни или потешки форми на прекршување, сметаат невладините. Привремените мерки за заштита, судот ги изрекуваат по предлог на центарот за социјална работа и важно е да се следи нивното извршување и да се комуницира со жртвата“, објаснува Ана Аврамоска од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.
Системот треба да дејствува ефективно за заштита на жртвата, додава Аврамоска.
И извештаите на обвинителството последниве години нотираат зголемен број на кривичните дела поврзани со семејсното насилство. А за четири години имало 19 случаи на фемицид.
Елена Ивановска Мукоска