Емисии Код Македонија

По законските измени, народот ќе им плаќа оштета на обвинетите од СЈО

Krivicen sud

Над 170 милиони евра претпоставена штета може да летнат во воздух поради застареност со измените на Кривичниот законик. Слично како Комплексот Космос, за чие уривање случајот застаре.

Можеби штетата е пониска или повисока, можеби обвинетите се криви или не се, но јавноста не дозна. За обвинетите нема правосилна судска пресуда, а делата веќе застареа.

За оштетните побарувања, и Обвинителството и Државното правобранителство чекаат насоки од Судот.

„Надлежните судови, во одлуките со кои ќе констатираат прекин на постапката по основ на застареност, треба да дадат насоки за постапката по однос на оштетните побарувања, за што има соодветна судска пракса“, велат во Јавното обвинителство.

„Државно правобранителство „Ќе се сочекаат соодветни одлуки од надлежните судови, по што ќе се  преземат соодветни дејствија, правни мерки и правни средства за заштита на имотните права и интереси на Република Северна Македонија, во рамките на законските одредби“, велат во Државното правобранителство.

Ostetni pobaruvanja
Оштетни побарувања за случаите кои застареа по измените на Кривичниот законик

Обвинителството вели дека во случаите во кои има остварена имотна корист, јавните обвинители ќе оценуваат во секој предмет поединечно и ако има можност ќе побараат конфискација.

Обвинители со кои разговаравме велат дека не се откажуваат од парите и ќе ги искористат сите законски можности за да ја наплатат штетата.

За експертите шансите се теоретски, за адвокатите ни теоретски.

„Нема никаква шанса државата да ги наплати тие средства. Тоа што дури и претседателот се обидува да ја излаже јавноста дека ова ќе ја забрза постапката за наплата на тие побарувања, тоа е лага. Во случај на застареност, или јавниот обвинител го повлекува обвинението или судот носи одбивателна пресуда. Тоа автоматски ја враќа на сила презумпцијата на невиност која и досега важела. Значи, ние немаме осуден човек и немаме човек за којшто е утврдено дека нешто злоупотребил, нема“, вели адвокатот Александар Тортевски.

Собранието на 6 септември изгласа ублажување на казните за таканаречениот „функционерски криминал“.

Со намалувањето на казните за злоупотреба на службената положба и за злосторничко здружување, делата наместо за 30 години, сега застаруваат за 10 години. Членот за злоупотреба при јавни набавки е избришан. Секоја злоупотреба на функцијата направена до 2013 година, за која нема правосилна судска пресуда, веќе не важи. Додека стигнат до правосилни пресуди ќе застарат уште десетина нови случаи.

Во најголем дел од случаите, обвинетите се товареа дека му нанеле значителна штета на буџетот и се бараше да ги вратат парите.

„Со оглед дека станува збор за предмети во коишто ќе се констатира застареност на кривичното гонење, практично нема да може ни да се докаже дали навистина имало штета, кој ја направил штетата и дали истата ќе се надомести, така што во застарените предмети нема да има можност за надоместок на штетата што е направена на буџетот на државата“, вели Ивана Петковска од Коалицијата „Сите за правично судење“.

Обвинителите најавуваат дека ќе се обидат да спасат дел од случаите за кои нема апсолутна застареност со преквалификување на делото.

Најголема пријавена штета на буџетот од 155 милиони евра има за случајот Траекторија за изградбата на кинеските автопати. Случајот не стигна ни до првостепена пресуда.

Најголема штета на приватна фирма е направена во случајот ТНТ за уривањето на комплексот Космос на бизнисменот Фиат Цаноски. Првостепениот суд ги задолжи обвинетите Никола Груевски, Миле Јанакиески, Тони Трајковски и Елизабета Најдовска да му ја надоместат штетата од над 11 милиони евра. Апелација ја укина пресудата и го врати на повторно судење, а предметот сега застаре.

Милионски оштети за обвинетите чии дела застареа

Во меѓувреме, државата потроши милиони евра на истражни дејствија, судења, вештачења, превоз… Судии, поротници, полицајци, обвинители со години земаа плата да работат на овие случаи и на крај останаа без епилог.

За обвинетите кои се во притвор се плаќа и полициска придружба до суд. Полицијата наплаќа по 360 денари од час за ангажиран полицаец и 60 денари од километар за ангажирано возило.

Иронично, со овие законски измени, на луѓето кои беа обвинети дека злоупотребиле милиони евра државни пари, сега државата ќе треба да им плаќа оштета.

Власта тврдеше дека овие измени нема да предизвикаат буџетски импликации.

Сепак, според Одлука на Врховниот суд од март годинава, на луѓето кои биле во притвор им следува оштета, ако процесот бил прекинат поради застареност. Не им следува оштета само на оние кои со своите постапки причиниле лишување од слобода.

Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, на пример, во притвор, што во Шутка, што домашен, помина повеќе од 4,5 години за различни дела во кои е обвинет. Дел застареа без пресуда. Сега тој може да бара да му се плати.

„Откако судот ќе донесе одбивателна пресуда со којашто се одбива обвинението затоа што настапила апсолутна застареност и не може да има кривично гонење, во таа одбивателна пресуда ќе треба да ги констатира и трошоците за судската постапка што се водела и истите ќе паднат на товар на буџетот, така што државата ќе ги надомести сите трошоци. Доколку имало обвинети во притвор, нивното спроведување од притвор, сето она што се случувало на рочиштата, адвокатите коишто биле ангажирани, значи сите тие трошоци паѓаат на товар на државата“, вели Петковска.

Дополнително, државата ќе треба да им ги плати и адвокатските трошоци на обвинетите чии дела застареа. Според адвокатскиот тарифник, цената на адвокатот за вакво дело е 12 илјади денари. На тоа се додава 30 отсто паушал и 20 отсто за секој започнат час на суд. Само доаѓањето на адвокат во судот, чини 350 евра по рочиште. Во случаи со 7 обвинети, како ТНТ, тоа се 2500 евра по рочиште. Ако се одржале околу 100 рочиште се доаѓа до огромни пари само за адвокатски трошоци. На ваков начин пропаѓаат десетици случаи.

„По мене околу 50 милиони евра. Ако им платат чесно на адвокатите. Еве, јас лично сум против овој закон, иако сум адвокат. Мене ми застаруваат неколку предмети што се водат по 17 години. Змиско око 1 и 2. на пример. 17 години ги водам тие предмети, по еднаш месечно, тоа се околу 200 дејствија, плус посети во затвор, значи 300 дејствија. Огромни се моите трошоци и јас чесно ќе си ги барам. Затоа што законодавецот, кога го носел овој закон, тоа морало да го има предвид“, вели адвокатот Тортевски.

Сепак, судската пракса покажува дека судиите им одобруваат на адвокатите многу помалку пари од бараните.

„Тоа не значи дека сè што ќе побараат адвокатите, односно странките, како трошоци на постапката, дека на крај судот ќе ги прифати сите. Сепак, ќе мора да ги почекаме одбивателните пресуди, кога судот конкретно во пресудите ќе ги наведе трошоците за постапката“, вели Петковска.

Законските измени наидоа на жестоки реакции во јавноста дека ова е закон за амнестија на функционери.

„Денеска, по измените на Кривичниот законик, злоупотреба на службена положба, или народски кажано украдени милијарда евра народни, државни пари, исто се третираат како украдени 30 килограми домати. Украдени 50 килограми домати со прескокнување на еден плот од 2 метри се казнува до 5 години затвор, а овде е до четири години“, вели адвокатот Тортевски.

Поточни пресметки колку ќе ја чини државата застарувањето на овие дела ќе може да се направат кога судовите ќе почнат да ги носат одлуките за застарување.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео) Влатко Стефановски со концерт во Скопје одбележа 50 години музичка кариера

Дејан Дејан

Врзан за бандера бара правда и помош за настраданите во Кочани

Дејан Дејан

Топ тема: Талка ли Македонија во расчекор меѓу стратешкото партнерство и стратешката цел?

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе