Вести Свет

Русија задоволна по самитот Г20, заедничката декларација овојпат не ја осуди Москва за агресијата врз Украина

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров задоволен заминува од штотуку завршениот самит на Г20 во Њу Делхи, Индија, откако претставниците на најмоќните 20 светски држави ја потпишаа заедничката декларација во која нема директна осуда на неговата земја за агресијатаврз Украина. Тој за Би-Би-Си изјави дека неговата земја не очекувала консензус за делот за Украина во заедничката декларација на Г-20, која значително се разликува од онаа во Бали минатата година.

„Можеби тоа беше гласот на нивната совест“, рече Лавров. „Искрено кажано, не го очекувавме тоа. Бевме подготвени да ја браниме нашата формулација на текстот“.

Додавајќи дека „не можеме да го изолираме тој параграф [за Украина и Русија] од остатокот од декларацијата“, тој рече дека тоа е знак дека Глобалниот југ повеќе не сака да му се држат лекции

„Тие не сакаат да им се каже да ја следат формулата Зеленски. Ова е непочитување кон земјите во развој“, рече тој. „Ова е неоколонијализам од западните земји и тие овојпат не успеаја“.

Лавров денеска изјави дека Русија ќе се врати на Договорот за извоз на украинските житарки преку Црното Море „истиот ден“ кога ќе бидат исполнети условите на Москва за извоз на сопствено жито и ѓубриво на светскиот пазар.

– Кога ќе се преземат сите неопходни активности за отстранување на пречките за нашиот извоз на жито и вештачко ѓубриво, истиот ден ќе се вратиме на колективното спроведување на украинскиот дел од иницијативата за Црното Море, посочи Лавров по Самитот на Г20 во Индија.

Договорот за извоз на украински житарки беше потпишан под покровителство на Анкара и ОН минатото летото, а неговата цел беше да се обезбеди извоз на украинските житарки преку украинските пристаништа на Црното Море. Во јули Русија се повлече од Договорот, кој е важен за снабдувањето со храна во светот, тврдејќи дека западните санкции го блокираат пристапот на нејзините земјоделски производи и ѓубрива до меѓународните пазари.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека, сепак,  декларацијата на Г20 не е дипломатска победа за Русија.

„Оваа Г20 уште еднаш ја потврдува изолацијата на Русија. Денеска, огромно мнозинство од членките на Г20 ја осудуваат војната во Украина и нејзиното влијание“, рече Макрон на прес-конференција по церемонијата на затворање на самитот.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Мицкоски: По прегласувањето во ИЕ 5 очекуваме обезбедување двотретинско мнозинство

Дејан Дејан

Исчезна хеликоптерот со кој летал иранскиот претседател Ибрахим Раиси

Дејан Дејан

Ганц му постави ултиматум на Нетанјаху, илјадници Израелци на антивладини протести во Тел Авив

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе