Вести Македонија Најважни

Поскапувањата ги ставија граѓаните на диета – се купува помалку храна

Поскапувањата ги натераа граѓаните на непосакувана диета. Државната статистика покажува дека тие купуваат за 13 отсто помалку прехранбени производи од лани. Упростено кажано, ако лани купувале 7 килограми месо, оваа година купуваат еден килограм помалку. Се трошат помалку пари од лани, но се купуваат уште помалку производи.

Ако на тоа се додаде и ланскиот пад на продажбата на храна, пијалаци и тутун за скоро 12 отсто, тоа значи дека за две години продажбата на прехранбени производи е намалена скоро за една четвртина.

Инфлацијата во август била 8,3 отсто, но граѓаните велат дека поскапувањата се уште поголеми. Префрлаат од шупливо во празно.

„Сега нешто ќе се скрати за нешто друго да се земе. Што викаат, ребаланс на буџетот мора да има. Некои работи да ги скратиш, за некои други да земеш, па после обратно. Ти ако немаш егзистенција што ќе правиш? Немаш за храна, немаш за леб, немаш за сметки, ете ти народот, веќе ќе му дојде преку глава, кога ќе нема да јаде, или ќе краде, или ќе утепува, па барем во затвор ќе го ранат“, вели анкетиран граѓанин.

„Сигурно се скратува, апсолутно да. За облека, за некои други полуксузни работи, апсолутно се скратува. Сигурно одредени луѓе скратуваат и за храна.“

„Тоа што ми треба го купувам без прашање за цени, мора да се купи.“

„На пример вчера ако бил лебот 33 денари, денеска 52, 58, зависи, каде-како. Никаква контрола нема“, велат анкетираните граѓани.

Истражувањата покажуваат дека половина од граѓаните трошат 90 отсто од платата само на храна, па за друго и не им останува. Или гладуваат или си произведуваат сами, трето нема.

„Вкупната потрошувачка на луѓето, она што го купуваат за да го потрошуваат, за да јадат, е намалена за 13 проценти. Тоа значи дека луѓето јадат помалку, можеби не јадат помалку, можеби самите произведуваат леб, можеби самите произведуваат патлиџан, и тоа нема да се види во овие податоци, но она што луѓето го купуваат и што се гледа во податоците на Заводот за статистика за Трговија и во податоците на Министерството за финансии за приходите по основ на ДДВ, таму приказната е јасна дека и двата податока имаат реален пад од околу 13 отсто, односно она што луѓето го купуваат е реално намалено за 13 отсто и тоа се однесува на производи за широка потрошувачка, односно храна пред сè. Луѓето едноставно помалку купуваат затоа што немаат доволно пари да јадат“, вели економскиот истражувач Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии.

Податоците на Агенцијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО) покажуваат дека цените на храната на светските берзи се намалуваат година и половина по ред, и сега се на нивото на кое биле во април 2021 година. Од друга страна, во продавниците храната поскапува. Јовановиќ тврди дека се работи за инфлација предизвикана од алчност на трговците и затоа владата треба да ги ограничува цените.

Министерот за финансии Фатмир Бесими најави дополнителни 74 милиони евра во буџетот за антикризни мерки.

Срѓан Стојанчов

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Сенатот го усвои „големиот прекрасен закон“ на Трамп

Дејан Дејан

Топлотен бран ширум Европа – повеќе земји бележат рекордни температури за овој период од годината

Дејан Дејан

Изборниот законик пример за различни предизвици во реформската агенда

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе