Рускиот претседател Владимир Путин не планира да присуствува на погребот на Евгениј Пригожин. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков не сакаше да открие кога и каде ќе биде погребан Пригожин. Руските медиуми, сепак, шпекулираат дека погребот би можел да се реализира уште денеска во неговиот роден Санкт Петербург. Водачот на приватната воена компанија „Вагнер“, според руските власти, загина во авионската несреќа што се случи минатата недела во областа Твер во околината на Москва, на лет кон Санкт Петербург.
Гробиштата Северное во Санкт Петербург претпладнево беа под силно полициско обезбедување, а околните улици беа затворени за сообраќај. Тоа ги подгреа шпекулациите во медиумите и на каналите на Телеграм дека причина за затворање на гробиштата, кои се резервирани за воени лица, е токму погребот на Пригожин. Подоцна беше објавено дека е погребан Валериј Чекалов, истакнат член на „Вагнер“. Тој беше задолжен за организација на логистика на платеничката група.
Руски официјални лица потврдија дека Пригожин беше меѓу десетте луѓе кои беа во авионот „Ембраер Легаси 600“ кој се урна во средата попладне. Несреќата се случи по два месеца од неуспешниот бунт на „Вагнер“ против Москва кој лично го водеше Пригожин. Смртта на Пригожин беше потврдена од рускиот истражен комитет по направените генетски тестови.
Сашко Димовски