Вести Македонија Топ вести

Ден на АРМ: Кога политичарите мора да признаат дека војниците имаат најголема доверба меѓу граѓаните

Армијата ужива највисока доверба кај граѓаните, а војниците ја добиваат преку сопствената пожртвуваност за државата и за граѓаните- ова денеска по кој знае кој пат мораа да го признаат политичарите во своите честитки за денот на АРМ. Македонија веќе трета година по ред го слави 18-ти август како членка на НАТО, а војниците и офицерите се почесто учествуваат во хуманитарни и мировни мисии каде помагаат, спасуваат и обучуваат. Скромно денеска, со најава дека во наредната деценија ќе мора да потрошиме 955 милиони евра за модернизација беше одбележан 31-та годишнина од денот на Армијата.

Пред повеќе од две децении беа на мисија во Авганистан и Ирак, како први мировници од АРМ кои учествуваа во мисии во странство, денеска се први кои го одбија нововоспоставениот медал за учество во странски мировни и хуманитарни мисии. Им ги додели врховниот командант, Претседателот Стево Пендаровски.

Во моментот војници на АРМ има во Словенија поради поплавите, а во февруари македонските војници спасуваа луѓе од под урнатини во Турција по катастрофалниот земјотрес.

-Нашиот армиски тим беше меѓу првите пет странски контигенти кои пристигнаа на лице место, практично само 24 часа по земјотресот. Затечени од ужасните сцени на разурнати домови и изгубени животи, во траорна атмосфера на смрт и очај, тие самите велат дека иако учествувале во повеќе тешки мисии во Ирак и Авганистан, хуманитарната мисија во Турција, од човечки аспект, им била најтешка. Светската јавност сведочеше дека пребарувајќи го теренот во потрага по преживеани лица, нашите војници од урнатините успеаја да извлечат петгодишно детенце и со тој миг на радост среде општата тага, донесоа зрак на надеж, рече претседателот Стево Пендаровски.

Претседателот заедно со другите гости на прославата на денот на АРМ ги виде и најновите „Ошкош“, борбени транспортери кои се дел од набавката на нова опрема и оружје.

Пендаровски нагласи дека во наредната деценија државата за модернизација ќе потроши речиси милијарда евра (955 милиони евра), а одбранбениот буџет ќе изнесува 2 % од БДП.

Но, остварена е историската цел члнеството во НАТО каде сега сме рамноправна членка која пружа поддршка и на Украина, држава под руска агресија.

-Покажавме дека нивните вредности ги живееме како свои и дека сме достојни наследници на нивната жртва и идеалите за кои се бореа, како што се  слободата и солидарноста. Застанавме и во поддршка на украинскиот народ, сеќавајќи се дека не толку одамна, и нашите предци беа приморани да ја напуштат комоцијата на секојдневното живеење и да застанат во одбрана на се што им е свето. И помагаме на Украина не затоа што мораме туку затоа што тоа е единствениот начин да бидеме на вистинската страна на историјата, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска.

Годинава немаше нови генералски чинови, прославата на 31-вата годишнина на АРМ е трета со членство во НАТО.

Премиерот Димитар Ковачевски во честитката покрај тоа што ги спомна уставните измени, ги претстави сите придобивки од членството во НАТО и условите кои владата ги има подобрено за припадниците на Армијата.

Но, сите беа сложни, дека Армијата и војниците се оние кои имаат најголема граѓанска поддршка поради пожртвуваноста која ја даваат за граѓаните и за државата.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пет станови на Груевски на продажба и земјиште на Мијалков, вредни 3 и пол милиони евра

Дејан Дејан

Еден загинат, а 14 се ранети во руски напад во Одеса

Дејан Дејан

Новата шефица на британското разузнавање била внука на нацистички шпион

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе