Со секое ново обвиниение ми расте рејтингот, се пофали Трамп по најновата кривична пријава против него во оваа година што беше подигната во сојузната држава Џорџија.
На тоа упатуваат и резултатите од истражувањето на Асошиејтед прес кои велат дека речиси две третини, или 63 отсто од Републиканците, сакаат да видат кандидатура од поранешниот претседател во трката за Белата куќа во 2024 година. Тоа е за 8 отсто повеќе од април, кога Трамп почна да се соочува со обвиненија за обиди за завера и менување на резултатите од изборите во 2020 година. Седум од десет републиканци имаат позитивно мислење за него, што, пак, е за три отсто повеќе од истражувањата на јавното мислење пред два месеца.
Но, Трамп се соочува и со знаци за предупредување за општите избори, пришто многу Американци силно се противат на него. Додека 74 отсто од републиканците би го поддржале на гласањето во ноември догодина, 53 отсто од Американците велат дека дефинитивно нема да го гласаат доколку биде номиниран. Други 11 отсто, пак, велат дека веројатно нема да го поддржат.
Обвинителката Фани Вилис во понеделникот поднесе обвинение на 98 страници против Трамп и 18 негови блиски соработници. На товар им се става криминална завера за поништување на изборните резултати во американската сојнузна држава Џорџија. Обвиненија против поранешниот претседател на САД, кои вкупно опфаќаат неверојатни 91 точка, претходно беа подигнати и во Њујорк, во Вашингтон и на Флорида.
Истражувањето на Асошиејтед прес покажува дека скептицизам кај електоратот има и за Бајден, особено за неговата возраст. 43 отсто од Американците се изјасниле дека нема да го поддржат актуелниот претседател за нов мандат во Белата куќа, додека 11 отсто се неопределени.
Анкетата, исто така, покажа дека 85 отсто од демократите ги одобруваат кривичните пријави против синот на Хантер Бајден, син на актуелниот американски претседател што беа поднесени на 2 август.
Сашко Димовски