Во септември ново усогласување и минимална пензија над 13.000, до крајот на годината решение за минимална пензија најави министерката за труд и социјала. Претставници на пензионерите на министерството и на Фондот за пензиско ќе дебатираат за законски измени за минималната пензија што ќе биде над прагот на сиромаштија. Осумнаесет илјади е неприфатливо и неодржливо за Фондот смета Тренчевска. Неправедно е да ги изедначиме луѓето кои имаат 15 години стаж и луѓето кои имаат 40 години стаж.
„И оние граѓани пензионери кои земаат во моментов минимална пензија најголем дел од нив се со 15 години стаж. И најголем дел од нив ја немале достигнато висината на минимална пензија. Ако не бил системот солидарен таков каков што е во моментов ќе земале и многу помала пензија. Меѓутоа заради солидарниот систем сме утврдиле линија од која што нема да има пензија 12.500 денари. Во септември ќе биде над 13.300“, вели Јована Тренчевска, министерка за труд и социјална политика.
Линерното зголемување на пензиите е и неуставно, потенцира Тренчевска. Се повикува на одлука донесена од Уставен во 1997 година. Кога ќе ја најде, ќе ја сподели со јавноста.
Прво најави дека ќе бара мислење од Уставен, но откако од таму одговорија дека не прават консултации, ниту толкуваат актуелни прашања и дилеми, се корегираше и рече дека ќе следува иницијатива до судот.
Линеарно зголемување на пензиите нема законска подлога, ниту економска логика смета даночниот експерт Павле Гацов. Тоа може да демотивира тие што работат да плаќаат придонес на повисоки основи или да се прекинува работниот однос на 15 години стаж. Тој предлага законско решение за скалесто односно регресивно зголемувње на пензиите. Колку повисока пензија толку помало зголемување.
Фондот за пензиско и сега се финансира дефицитно. Ако се влезе во замката на енормно зголемување за кое нема економска оправданост, ќе мора да се зголемуваат јавните давачки, што ќе значи до зголемување на даночниот товар, или пак, да се задолжува државата за да изплаќа пензии што, пак, ќе значи одложени даноци кои ќе треба да ги плаќаат идните генерации. Но од друга страна, истакнува дека нелогично е функционерите да кажат не е моментот кога земаат до 78 посто поголеми плати.
Пензионерите револтирани од зголемувањето на платите на функционерите и скокот на цените на храната одржаа повеке протести и побараа покачување на сите пензии за 3.500 денари и минимална плата од 18.000 денари
Елена Ивановска Мукоска