И по, речиси, две години од пожарот во тетовската модуларна болница со 14 жртви, обвинителството за организиран криминал сè уште не донело одлука дали и кого ќе гони за тендерот за модуларните болници. Се преземаат дејствија и проверки, велат од обвинителството, но зошто уште нема одлука не откриваат.
Интересот за модуларните болници во фокусот на јавноста го врати документарецот на ИРЛ кој фрли низа сомнежи врз, не само за тендерот, туку и за обвинитеската истрагата, за големи безбедносни пропусти во изградбата на модуларните болници.
Документарецот открива дека надзорот утврдил дека техничката спецификација за модуларните болници не може да обезбеди минимум законски стандарди. Неа ја изготвила архитектката Вања Андонова, која потоа си заминала од министерството за здравсто и сега работи во „Брако“, фирмата изведувач на модуларните во чија сопственичка структура е поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев.
Првично, тендерот за модуларната до инфективната болница во Скопје, за кој била избрана „Брако“, бил во надлежност на министерство за локална самоуправа, но министерот Милевски го поништил. По ова, проектот бил предаден во здравство, а таму министерот Филипче го спровел истиот тендер и повторно била избрана Брако, објавија од ИРЛ. Се наметнува и дилемата дали вистинските обвинети седнале на обивнителна клупа или пак обвинителството ги спасило одговорните за пожарот.
Од обвинителството како дискредитации и манипулации ги карактеризираат информациите од документарецот „Убиство во Тетово“.
„Јавните обвинители кои темелно и одговорно го истражуваа овој случај, своите докази ги презентираат и ќе ги презентираат пред надлежните судови. Впрочем, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија е едно од ретките, ако не и единствено јавно обвинителство пошироко, кое поведе постапка за кривична одговорност за последиците од пожар во ковид-болница, иако во екот на пандемијата вакви пожари со жртви се случија во повеќе земји, дури и во објекти од цврста градба, а повеќето од нив беа предизвикани токму од електричен спој и зголемена концентрација на кислород во објектите“, соопштија од Јавното обвинителство.
Зошто изгоре за неколку минути модуларната болница за Тетово? – Германските вештаци лоцирале три причини, се открива во документарецот. Голема количина на кислород во комбинација со полиуретанот од пурпанелите со кои е изградена модуларната, отсуство на противпожарни прегради кои би спречиле или отежнале ширење на огнот и отворена конструкција во поткровјето со што штетниот гас се мешал со кислородот.
Од обвинителството тврдат дека вештачењето на германските експерти било изведено како доказ пред Судот, но го истакнуваат заклучокот вештачење што го нарачале од Технолошко-металуршкиот факултет, според кое основна причина за брзото горење на модуларната болница била големата концентрација на кислород во објектот. Ова се две од вкупно 4 вештачења направени направени овој предмет.
Предметот поврзан со пожарот во тетовската модуларна болница заврши со две условни казни за поранешните директори на тетовската болница Флорим Бесими и Артан Етеми, ослободителна за докторот Бобан Вучевски. Овој предмет се водеше за кривични дела „тешки дела портив општата сигурност“ и „непостапување според здравствни прописи“. Обвнителството се жалело на пресудите и најавуваат дека на јавната седница пред апелациониот суд, ќе ги презентираат сите докази
Елена Ивановска Мукоска