Лидерите на земјите членки на Г7, на вториот ден од тридневниот Самит во Хирошима, со осуда кон Русија за војната во Украина. Со „најостар“ наратив ги опишаа руските воени дејствија како „брутални“. Во заедничката изјава повикаа на „праведен и траен мир“ и ги потврдија своите намери за воена, финансиска и хуманитарна поддршка за официјален Киев.
Висок претставник на администрацијата на американскиот претседател најави нов пакет на воена помош за Украина во вредност од 375 милиони долари. Но, официјалната објава се очекува од претседателот Бајден кој одобри обука на украински пилоти за управување на борбени авиони од типот Ф-16, што е најнова промена на неговата администрација во однос на војната во Украина.
„Се свртевме кон дискусии за подобрување на украинските воздухопловни сили како дел од нашата долгорочна посветеност на самоодбраната на Украина. Така, како што се одвива обуката во наредните месеци, ние ќе работиме со нашите сојузници за да одредиме кога ќе бидат испорачани авионите, кој ќе ги испорача и колку“, изјави Џек Саливен, советник за национална безбедност на Белата куќа.
На самитот на групата Г7 претпладнево се приклучи и украинскиот претседател Володимир Зеленски кој одлуката на Бајден за обука на украински пилоти и испорака на авиони ја нарече „историска“. Тој се очекува на лице место да преговара со лидерите на земјите членки за поголема воена помош за неговата земја чии вооружени сили се подготвуваат за голема контраофанзива во војната со Русија.