Вести Македонија Најважни

Лабораториите не можат да постигнат да ги истестираат сите со симптоми на Ковид-19

По болниците се пребукираа и лабораториите. Некотролираното ширење на коронавирусот ги оптовари лабораториите за правење ПЦР по што термини за закажување на тестови преку матичните лекари во јавното здравство нема со денови. Луѓе со симптоми на Ковид-19 чекаат да се ослободи термин и во друг град за да се тестираат, а дел од нив да го скратат времето на чекање принудени се да се тестираат во приватните лаборатории. Па така во изминатите пет дена во јавното здравство се тестирале вкупно 4.793 лица, додека прватните лаборатории направиле дури 5.807 тестови. Во јавното здравство најмногу тестови има направено Институтот за јавно здравје – 3.011, по што следи МАНУ со 788. Од приватните лаборатории најмногу тестови во изминатите пет дена направила Авицена 2.196, по што следат  Филип Втори 1.178 и Биотек со 1.128.

Министерот за здравство најави мобилизирање на лабораториите во јавното здравство со дополнителни термини, но и број на тестови, за да се намали времето на чекање за тест.

„Ќе обезбедеиме дополнителен број на термини преку системот ’Мој термин’. Тоа е нешто што сега се работи за време на викендот и се обидуваме на што побрз начин да стигнеме до брзите тестови. Еден ден од постапката веќе заврши, сега е втората фаза, се надевам дека тоа значајно ќе го олесни пристапот до тестирање“, изјави Филипче.

За поплаките од граѓаните дека цените во приватните лаборатории се високи, Филипче кратко одговори:

„На тие цени, иако се обидовме и гледавме некоја алтернатива ние не можеме да влијаеме, апсолутно никако“, вели Филипче.

Директорот на Центарот за јавноздравје, Алкесандар Стојанов, пак за МИА вели дека проблемот со долгото чекање за тестирање е поради зголемениот број на сомнителни на вирусот.

„Бројот на лица со индикации за тестирање го зголемува и времето на чекање затоа што немаме неограничени капацитети“, вели Стојанов.

Притоа вели Стојанов, медицинскиот кадар кој работи во лабораториите и останатите во здравствениот сектор никогаш не се доволни, а и здравствените работници се разболуваат, апаратите се расипуваат и оти сето ова ја усложнува работата и издавањето на резултатите.

И додека лабораториите не можат да постигнат да ги истестираат сите со симптоми и нивните контакти, инфективните одделенија се преполнуваат, поради што интернистичките одделенија во болниците почнаа да се пренаменуваат во Ковид-одделенија.

„Освен дополнително овие што сега работата, аспсолутно дека ќе се пренаменат и другите болнички капацитети. Не само во инфективните, туку и во интернистичките одделенија. Нешто што веќе почна да се практикува од вчерашниот, од денешниот ден во повеќе болници. На пример во болницата во Битола, во Прилеп, во Охрид, веќе се сместуваат пациенти на интернистичките одделенија. Така да можно е да се соочиме со ситуација кога и друг кадар ќе работи само со пациенти со Ковид“, изјави Филипче.

Додека се полнат редовните болнички капацитети се уште се чека на поставување на 16-те модуларни болници кои треба да функционираат како мини инфективни одделенија, а со кои треба да се намали притисокот врз болниците од ковид-пациентите.

Инаку до вчера вкупно во земјава се хоспитализирани 575 лица, од кои најмногу на Инфективната клиника – 128.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео) Влатко Стефановски со концерт во Скопје одбележа 50 години музичка кариера

Дејан Дејан

Врзан за бандера бара правда и помош за настраданите во Кочани

Дејан Дејан

Трошановски: Сè уште е доминантно расположението на граѓаните за ЕУ, сè помалку веруваат дека реформи би нè донеле таму

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе