Вести Македонија

Земјоделците лани ја чуваа пченицата во амбарите и чекаа да растат цените – од Земјоделство возвраќаат на обвинувањата за неоткупеното жито

Земјоделците ја чуваа пченицата во амбарите и од свои причини не ја продаваа кога сѐ уште беснееше кризата и цените на берзите растеа.

Министерот за земјоделство Николовски вака возвраќа на обвинувањата од страна на фармерите, дека домашната пченица скапува, додека стоковите резерви се полнат со странска пченица купена поскапо.

Пазарот во меѓувреме се стабилизира, цените почнаа делумно да паѓаат, а проблемот допрва ќе се анализира и ќе се бара решение.

„И да има десет илјади тони – тоа е 10% од тоа што е откупено минатата година. Ќе имаме состанок и ќе се утврдат податоците. Минатата година рекордна беше цената, па зошто земјоделците не ја давале пченицата кога се откупуваше за 24 денари, тоа е друго прашање“ изјави Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Претходно, земјоделците упатија апел до државата да помогне за откуп на домашната пченица.

Мемет Синани од Националната федерација на фармери кажа дека пченицата кај нас е 19 денари, а според нивни информации е донесена пченица и за речиси десет денари поскапо, за Државните стокови резерви.

„Бараме помош од Министерството за земјоделство, а тоа значи да се забрани увоз на пченица и да може да се откупи нашата пченица“ кажа Мемет Синани, член на УО на Националната федерација на фармери.

Според договорот објавен на Бирото за јавни набавки склучен во јануари за три месеци којшто веќе е истечен, цената на чинење изнесува 26,8 денари по килограм, со пресметан Данок на додадена вредност.

Следен тендер ќе биде објавен во мај, за количина од пет илјади тони. За ова министерот не сака да даде свој коментар.

„Агенцијата за стоковни резерви кога распишува оглас тогаш има соодветни компании. Прашајте ги компаниите дали во тој момент кога откупувале за Агенцијата, можеле да откупат жито и пченица од домашните производители“ кажа министерот Николовски.

Од Агенцијата за стоковни резерви за Телма велат дека носителот на јавната набавка е должен само да обезбеди стока со соодветен квалитет и во роковите предвидени во огласот.

„Агенцијата за стоковни резерви нема законски основ да ограничи набавка само од домашно производство или пак да врши откуп непосредно од домашни производители“ велат во одговорот од Агенцијата за стоковни резерви.

Министерот Николовски потсети дека токму на барање на земјоделците е воведен Интервентен фонд за жито, со доделени 40% субвенции на 12 илјади производители на житни култури.

Според него, на тоа се должи и зголеменото производство и така се постигна рекордна цена во жетвата од 22 и 24 денари.

Во меѓувреме, од Царина за Телма информираа дека во 2022 и 2023 година најмногу увоз на пченица во Македонија има од Србија. Во последните три месеци е увезена пченица со вкупна количина од 13.371 тони.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Вработил без јавен оглас и одобрение од Финансии – кривична за директор на основно училиште во Липково

Дејан Дејан

(Фотогалерија) Повредени 24 луѓе, спасени екипажи, патници, деца – силно невреме мина низ Сплит

Дејан Дејан

Владата прогласи кризна состојба поради пожарите

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе