Комитетот на министри во Советот на Европа на седница одлучи да покрене процедура за разгледување на барањето на Косово за прием во оваа организација.
Против овој предлог гласаа Унгарија, Романија, Кипар, Шпанија, Азербеџан, Грузија и Србија, пренесува Танјуг.
Воздржани на гласањето беа БиХ, Грција, Словачка, Молдавија и Украина, а Ерменија одлучи да не гласа.
Поддршка дадоа 33 земји, а меѓу нив од регионот се најдоа Црна Гора, Словенија, Македонија, Хрватска и Албанија.
Со ова барањето на Приштина ќе биде проследено во парламентарното собрание на Советот на Европа кое пак денеска во Стразбур го почнува редовното пролетно заседавање.
Приштина на 12. мај минатата година поднесе барање за членство во Советот на Европа.
Потенцијалната членка мора да ги исполнува критериумите на Советот на Европа во доменот на демократијата, почитувањето на човековите права и владеењето на правото.
Процесот на усогласување со стандардите на Советот на Европа го контролираат пратениците на парламентарното собрание.
Доколку поднесувачот на барањето за членство добие двотретинско мнозинство гласови и во парламентарното собрание на Советот на Европа, барањето се враќа на комитетот на министри на конечна потврда.