Србите ги бојкотираат локалните избори во четирите општини на северот на косово, населени со српско население, Лепосавиќ, Звечан, Зубин Поток и Северна Митровица, откако главната политичка партија на косовските Срби, Српска листа, повика на бојкот на изборите.
Изборите се одржуваат, откако градоначалниците на Српската листа во овие четири општини, лани во ноември, поднесоа оставки во знак на протест, по одлуката на косовската влада за замена на српските, со косовски регистарски таблички.
Според податоците на централната изборна комисија, на гласање излегле околу еден отсто од избирачите. Српска листа, која ја има поддршката на официјален Белград, бара прво да се формира Заедница на српски општини и да се повлечат косовските специјални единици од северот на Косово, а потоа да се одржат избори.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека намерата е да се постават на власт оние кои не можат да добијат ниту еден отсто гласови. Претходно, Европската Унија оцени дека одржување на мирни избори на северот на Косово е од суштинско значење, а косовската претседателка Вјоса Османи рече дека безбедноста на граѓаните е загарантирана и ги повика да гласаат на локалните избори.
На изборите за градоначалници на северот на Косово учествува еден кандидат од српската заедница и деветмина Албанци.