Во резиденцијата на Европската Унија (ЕУ) е отворена изложбата „Работ на зборовите“ во која се опфатени дела на шест современи македонски уметници, во различни ликовни техники кои ја разгледуваат врската меѓу зборовите, јазикот, комуникацијата и општеството. Врската на визуелната уметност со зборот и јазикот е посебна. Тоа е врска на последователност, но и на надополнување, велат организаторите на изложбата.
„Денешната изложба е дел од низа активности кои ние во Делегацијата на ЕУ ги започнавме се со цел да го славиме јазикот особено македонскиот јазик и литература. Како дел од богатата традиција и како дел од вашето наследство, како дел од вашиот идентитет, како дел од заедничката европска иднина“, изјави Дејвид Гир, амбасадор на ЕУ во земјава.
„Ликовната уметност е ослободена од ограничувањата на зборовите и на различните јазици, а тие пак ја имаат моќта да ја дополнат нејзината порака и да го пренесат нејзиното значење низ времето. Уметноста и зборот се две нишки кои испреплетени ја ткаат културната таписерија на едно општество“, изјави Бојан Георгиевски од галерија „Акантус“.
„Македонскиот јазик е истовремено и мал и голем јазик. Мал е затоа што го зборуваат мал број луѓе, но голем е затоа што на него се напишани и допрва ќе се пишуваат големи дела“, изјави проф. д-р Искра Пановска–Димкова.
Изложбата е дел од низата активности во рамки на тематската кампања „Раѓањето на зборот“ (Ацо Шопов), посветена на промоција на поддршката на ЕУ за македонскиот јазик и литература што Делегацијата на ЕУ ја започна на 21 февруари – Меѓународниот Ден на мајчиниот јазик.
Како што сугерира името на изложбата, таа се занимава со многуте аспекти на зборовите: зборовите како дел од јазикот, зборовите како алатки за комуникација, зборовите како средство за едукација, но и комуникацијата која ги надминува зборовите.
Уметниците, избрани од галеријата „Акантус“ од Скопје, беа поканети да создадат дела во кои ќе ја претстават својата уметничка интерпретација и ставови за овие прашања. Славица Јанешлиева, Оливер Мусовиќ, Нехат Беќири, Александра Петрушевска Ристовска, Анета Попова и Стефан Младеновски создадоа уникатни уметнички дела кои ќе послужат како теми за размислување за дебати и средби кои Делегацијата на ЕУ ќе ги организира во текот на следниот месец, со учество на студенти, граѓанското општество, уметниците и академијата.
Изложбата ќе биде отворена за јавноста до 05 мај 2023 година. Резервација на термин за посета и бесплатни билети може да се добијат преку Фејсбук страницата „ЕУ за Култура„ https://www.facebook.com/euzakultura