Три лица загинаа, а уште седум се ранети во напади на руски беспилотни летала во текот на ноќта врз регионот на Киев, соопштија денеска украинските власти.
Регионалната воена управа на Киев на својот канал Телеграм објави дека е оштетен „цивилен објект“ и дека спасувачите се уште работат на местото на нападот.
Украинската војска соопшти дека соборила 16 од 21 беспилотно летало од иранско производство, лансирани во Украина во текот на ноќта од Русија.
Пентагон соопшти дека ја забрзува испораката на американски тенкови „Абрамс“ на Украина определувајќи се да испрати ремонтиран постар модел кој може побрзо да биде подготвен со цел да испрати 70 тенкови во воената зона до есен.
Првичниот план беше на Киев да му се испратат 31 тенк од поновата верзија М1А2 „Абрамс“ за кој би биле потребни година до две за да се произведе и испорача.
Но властите соопштија дека е донесена одлука да се испрати постарата верзија М1А1, која може да биде земена од воените залихи.
Според американските воени експерти М1А1 ќе биде полесен за украинските војници да научат да го користат и одржуваат додека се борат против руските сили.
Пентагон ќе мора да обезбеди украинските сили да имаат пристап и до потребните делови неопходни за поправка и одржување на тенковите.