Меѓународниот кривичен суд објави налог за апсење на рускиот претседател, Владимир Путин. Судот тврди дека тој е одговорен за воени злосторства, вклучувајќи ја и незаконска депортација на деца од Украина во Русија.
Според судот со седиште во Хаг, злосторствата биле извршени во Украина, почнувајќи од 24-ти февруари во 2022 година, кога Русија започна со инвазијата на соседната држава. Официјална Москва постојано ги демантира обвинувањата за воени злосторства извршени во текот на инвазијата.
Меѓународниот кривичен суд го обвинува Путин дека бил вмешан во депортација на децата и додава дека постојат основани сомневања дека директно ги извршил злосторствата, како и дека соработувал за таа цел со други луѓе. Судот, исто така, тврди дека рускиот лидер не ја искористил својата моќ да ги запре останатите кои депортирале деца.
Руската комесарка за правата на децата, Марија Лвова-Белова, исто така, се бара за ова дело.
И покрај налогот за апсење на Путин и Лвова-Белова, Меѓународниот Кривичен Суд нема никаква моќ да ги апси осомничените и може да ја користи својата јурисдикција само во земјите кои се потписнички на договорот со кој бил основан.
Русија не е потписник на договорот од Рим за основање на Судот. Соединетите Американски Држави, иако формално го потпишаа статутот од Рим за основање на судот, во 2002 година, по почетокот на војната во Авганистан и инвазијата на Ирак, се повлекоа од учество и посочија дека немаат никаква намера да го ратификуваат.