Југоисточна Турција ја зафатија силни врнежи од дожд кои предизвикуваат големи проблеми на луѓето кои останаа без покрив над глава во регионот погоден од силниот земјотрес. Во Искендерун, во покраината Хатај, дождот ги поплавил шаторите во кои тие најдоа привремено засолниште.
Опозициската политичарка Џанан Кафтанчиоглу сподели снимка на Твитер на која се гледа жена како плаче и се обидува да ја исфрли водата од шаторот. Таа истакна дека луѓето сè уште не се сместени во бродски контејнери, како што беше ветено, пред повеќе од еден месец.
По земјотресот на турско-сириската граница пред пет недели, стотици илјади луѓе останаа без домови и живеат во шатори кои според ветувањата на властите во земјата постепено требаше да бидат заменувани со контејнерски градови.