Вести Македонија Најважни

ТЕЛМА ексклузивно: што содржат анализите за отровниот линдан кај драчевска Пеленица?

Земјата веќе не ги крие тајните на „ОХИС“. Токсичниот отпад ѕирка на површината, но научниците дојдоа до одговори – што има далеку од очите и длабоко во почвата кај драчевска Пеленица.

И десет метри под ова има отпад којшто е отровен и канцероген. Заради тоа и миризбата е присутна, како што е случај со децении наназад.

Телма ексклузивно дојде до анализите направени во холандската лабораторија. Истите веќе се во рацете на надлежните од ресорот Животна средина.

 

„Врз основа на моменталните и расположливите параметри, количините на висококонцентрираниот ХЦХ отпад на таа локација се околу 40.000 тони, на отпад од стакло контаминиран со ХЦХ се 6.500 тони и на отпад од стакло којшто не бил во контакт со ХЦХ и не е контаминиран е околу 17.000 тони. И анализите на подземната вода покажаа многу високи концентрации на бензени, хлоробензени, хлордан и ХЦХ“ изјави Александар Мицковски, проектен менаџер во Канцеларијата за неразградливи органски загадувачи во МЖСПП. 

ХЦХ отпад од производството на линдан се истурал хаотично и неконтролирано, а не спакуван во буриња и депониран во посебно корито.

„Сѐ започнало пред околу половина век, кога надлежните од индустрискиот гигант ОХИС нашле погодна локација на само 15 километри од центарот на градот. Се истурало токсичен отпад од камиони, тој завршувал затрупан во дупки и заборавен во времето, а децении и децении траеше дилемата на околните жители – од каде доаѓа смрдеата.“

Се сретнува и друг вид на индустриски отпад од скопска „Стаклара“ како и градежен шут, покажуваат анализите направени во странство.

Сега ќе се разгледуваат опциите и ќе се размислува на препораките добиени од странските експерти. Има три решенија за ремедијација или враќање на просторот во нормална состојба.

„Едната опција предвидува покривање на локацијата, инсталирање на дополнителни бунари за мониторинг, инсталирање на дренажа на локацијата. Втората опција предвидува инсталирање на прописна депонија на тоа место што подразбира ископување на целиот отпад, обложување на дното со соодветна подлога, враќање на отпадот назад и покривање на депонијата со соодветни стандарди. Третата опција подразбира ископување на отпадот, сепарирање на различни отпадни фракции и соодветно отстранување на истите во зависност од контаминацијата со ХЦХ, а потоа соодветно отстранување што во најголем дел значи извоз и уништување во странство“ вели Мицковски, од Канцеларијата за неразградливи органски загадувачи. 

Засега линданот сѐ уште тлее под земјата во близина на Драчево и другите околни населени места.

Заштитната ограда е турната и местото е лесно достапно за сите минувачи и посетители на излетничкото место Пеленица.

Каква е опасноста за околината и за жителите во околните населени места – не се знае и тоа ќе почека на некои нови истражувања затоа што сѐ уште нема научни докази.

Петар Догов 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Рашче под притисок, дивите приклучоци го уништуваат капацитетот

Дејан Дејан

Разговори за можно примирје во Појасот Газа во Белата куќа- Нетанјаху на вечера кај Трамп

Дејан Дејан

Продолжуваат спасувачките напори во Тексас – над 100 загинати

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе