Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска на прес-конференција во Владата информираше дека статусот на Охридското Езеро како светско природно и културно наследство е зачуван.
„Задоволство ми е да ве информирам дека статусот на Охридското Езеро како светско природно и културно наследство е зачуван. Овој успех е резултат на активна, посветена и координирана дипломатија, во соработка со нашите партнери и пријатели од меѓународната заедница. Заедно покажавме дека кога постои јасна волја, координација и одговорен пристап – резултатите се неминовни, вели Муцунски.
Водевме интензивни разговори, спроведовме дипломатски консултации и градевме заеднички позиции со државите-членки на Комитетот за светско наследство, истакна министерот.
Тој укажа на состојбата која беше затекната:
„Неопходно е отворено да се посочи дека ситуацијата што ја наследивме беше резултат на години запоставување, неодговорно управување и изостанок на суштински мерки од страна на претходната влада. Наместо превенција и одговорност, оставија проблем што бараше итно решавање. Нашиот пристап беше поинаков – не декларативен, туку посветен и фокусиран на резултати“, вели тој.
Муцунски потенцираше дека зачувувањето на статусот е само прв чекор:
„Свесни сме дека пред нас стои обврската да обезбедиме долгорочна заштита, одржливо управување и повторно да ја изградиме довербата во институциите и капацитетот на државата да се грижи за своето највредно природно и културно наследство, додаде Муцунски.
“