Вести Македонија Најважни

Неколку приведени за пожарите во Скопје, меѓу нив има и тројца тинејџери носеле шишиња со бензин и петарди

Повеќе приведени за пожарите во скопско, меѓу нив има и тројца тинејџери. Биле фатени со шишиња со бензин, петарди и запалка и течен лепак. Телма дознава дека двајца од малолетниците се од Англија,а  еден е од Полска, кој е со македонско  потекло. Во меѓувреме обвинителство соопшти дека ги истражува пожарите во Визбегово и Крива Паланка каде беше пронајдено тело на починато лице.

Тројца малолетници фатени со бензин, петарди, течен лепак и запалка се приведени во близина на месноста Ајватовски рид кај населбата Илинден, соопшти МВР во рамки на преземените активности околу состојбата со пожарите во скопскиот регион. Станува збор за странски државјани, а Телма дознава дека двајца се од Англија, а еден е од Полска и се на 16 годишна возраст. Полјакот е со македонско потекло. Се вршат проверки и се утврдува зошто ги носеле пронајдените запаливи материи и предмети.

  • МВР: „Полициски службеници при преглед на три малолетни лица, странски државјани, во ранец пронашле две шишиња со по 1,5 литри бензин, две петарди, запалка и течен лепак, по што истите се лишени од слобода.“

Од обвинителството соопштија дека со малолетниците бил извршен разговор по што се пуштени, а надлежните продолжуваат да обезбедуваат докази во однос на нивната евентуална поврзаност со конкретниот пожар или со намера да извршат друго кривично дело.

Од МВР информираат и дека во близина на Раштански пат, поточно на стариот пат кон езерото Смилковци, по настанатиот пожар пронајдени се жици од запалена гума, една ракавица и дел од ракавица кои се испратени на вештачење.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека имаат докази дека некои од пожарите се подметнати посебно на територијата на Скопје и како пример го посочи пожарот кај Смилковско езеро.

  • „Пожарот да речеме последниот кој што вчера се случи во близина на Смилковското езеро беше навечер, после девет часот и тоа што го најдовме таму, но и три лица кои што потоа беа обезбедени укажуваат на тоа дека постои основано сомнение за координирана и добро осмислена акција, посебно во Скопје“, рече премиерот.

Обвинителството пак соопшти дека ги истражува причините за пожарот во депонијата во скопско Визбегово, а извршен е увид и на местото на пожарот во близина на Крива Паланка, каде беше пронајдено и тело на починато лице. Обвинителството покренало постапка против 2 лица, маж и жена кои физички ја нападнале екипата, новинар и снимател на телевизијата Алсат М и  ги спречиле во извршување на нивните службени задачи, односно да известуваат за настанатиот пожар во близина на отпад за старо железо во Визбегово.

  • ЈОРСМ: „Обвинителството продолжува да ги истражува и причините за настанување на пожарот на отпадот во сопственост на осомничените и евентуалните опасности предизвикани врз животот и телото на луѓето, имотот и животната средина. Во таа насока во текот на вчерашниот ден и денеска се издаваат повеќе наредби и насоки за обезбедување докази.“

За пожарот којс е случи вчера во близина на Крива Паланка, увид на лице место извршило кумановското обвинителство. Дадена е наредба за обдукција на телото на едно починато лице. Увидните дејствија се делумно завршени, бидејќи на дел од опожарената локација се уште постои опасност од разгорување и не се создадени услови до овој момент.

Од МВР соопштија и дека од страна на СВР Скопје се уште се преземаат мерки и активности со цел за расчистување на причините на настанување на пожарите. За пожарот на подрачјето на Аеродром утврдено е дека настанал поради спој на електрични кабли предизвикан од силен ветер. Оттаму додаваат и дека ќе продолжат со интензивни оперативни активности на расчистување на причините за избувнување на пожарите со цел санкционирање на сите евентуални сторители.

Марија Митевска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Крвава пресметка на битолскиот пазар заради местоположба на тезгите – 42-годишник од зад грб се обиде да убие тезгаџија со нож

Дејан Дејан

Мапи со горливи точки објави ЦУК – централниот дел на земјава под висок ризик од пожари

Дејан Дејан

Припадник на АРМ убиен во престрелка во Батинци, се трага по убиецот

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе