По извештајот на ЕК за владеењето на правото во кој беше нотирано дека мешањето и притисокот од другите власти предизвикуваат сериозна загриженост во врска со почитувањето на судската независност, премиерот ја повика Европската комисија да избере судски совет и државен обвинител.
За актуелните вели имаат низок рејтинг и не можат да донесат правда. Во извештај беа посочени и најавите за робусни акции на Мицкоски, а беше констатирано и дека постапката за разрешување на државниот обвинител Коцевски, открила недостатоци во правилата за разрешување и ризик од политизација. За интерпелациите ЕК смета дека ризикуваат да ја поткопаат легитимноста и независноста на членовите на Судски.
Мицкоски вели по изгласаните интерпелации за челновите и откако тие останале во Советот, тој се повлекол и чека да им истече мандатот додека власта подготвува законски измени како дел од реформската агенда.
- Ако зборуваме за правда и ако тие мислат дека овие луѓе треба да однесат правда, не знам кој жив човек може да верува дека тие можат да однесат правда. Еве јас ќе дадам контра предлог нека дојде Европската Комисија и она нека избере Судски совет и обвинители со нив ќе работиме само овие нека ги тргнат. Јас не мора ништо да работам. Тие нека изберат зошто ние не знаме се мешаме, еве ќе се повлечеме. Затоа што секоја седница е скандал до скандал, рече Мицкоски.
Во извештајот стои и дека судиите и обвинителите се соочуваат и со зголемен притисок од јавни кампањи за клевета, онлајн и во медиумите, вклучително и од високи функционери на извршната власт и политичари . Нотирано е дека ограничените финансиски ресурси за судството продолжуваат да влијаат на неговата финансиска автономија како и недостатокот на човечки ресурси
ЕК забележува дека Антикорупциската се фокусира на превенција и институционална соработка, но е помалку активна во откривање и пријавување на наводни случаи на корупција. Во извештајот стои и дека ризиците од корупција се високи но и дека влијанието на политичкото влијание врз напорите за справување со корупцијата е истакнато како загрижувачко.
Елена Ивановска Мукоска