Вести Македонија Топ вести

Пожар во отпад за старо железо – чадот го покри Скопје

Скопје завиено со чад, гаснење од земја и од воздух, нападната новинарска екипа, приведен сопственик и еден повреден пожарникар е пресекот на пожарот кој утрово избувна на отпад за старо железо во скопско Визбегово. Пожарот е локализиран и под контрола, нема опасност да се прошири, но за целосно гаснење ќе биде потребно време.

Пожарот избувна нешто пред 9 часот на отпадот за старо железо регистриран на име на фирмата „АСД Метал груп“. Причините засега не се познати, но набрзо се шири, бидејќи има складирани стари возила со кабли и гуми и на кои не е испуштено маслото. На местото пристигнаа четири пожарникарски возила, еден модифициран хермелин со цистерна и се прави дотур на вода со цистерни на водовод и на скопските пожарникари. Тимовите на земја го гаснеа пожарот од непосредна близина и во ризик, бидејќи се слушаа детонации од плинските апарати монтирани на хаварисните возила. Околу 10 часот почна да се дејствува од воздух, а полицискиот хеликоптер и Ер трактор“ направија 10-тина прелети. Околу пладне пожарот беше ставен под контрола, а со механизација беа направени засеци за да се спречи негово ширење.

Градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, изјави дека отпадот имал валидна дозвола за работа која истекла во февруари, поднеле барање за нова, а општината дала позитивно мислење.

„Се што има во Општината повелете ќе ви дадеме на увид. Знаеме само дека министерството за животна средина има издадено дозвола за работа во 2019, 2020 година и дозволата важела до февруари 2025 година. Во ноември 2024 година имаат поднесено ново барање во Општината, до каде е не знам. Кај нас се бара само мислење за продолжување со работа и тогаш дадовме позитивно мислење“, вели Курто Дудуш, градоначалник на општина Шуто Оризари.

Од министерството за животна средина соопштија дека имаат дозвола за работа издадена во декември во 2024 година со трајност до 2034 година.

Според официјално достапните податоци „АСД Метал груп“ е основана во 2019 година. Дејноста е трговија на големо со отпадоци. Сопственички се Катерина Илиевска и Маја Караманова. Но, МВР всушност соопшти дека е уапсено друго лице со иницијали А.Н. Во листата на лица во компанијата само едно име и презиме се совпаѓа со овие иницијали. Прокуристот Александар Николчев, кој всушност е овластен од фирмата да работи во нејзино име. Во декември 2020 година бил избришан.

Тој беше приведен, бидејќи новинарска екипа која известуваше од терен беше физички нападната и им беше демолирана опремата, а осомничениот при приведувањето пружаше отпор.

Огнен Чанчаревиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(ВИДЕО) Нов пожар во близина на Скопје, гори кај Смилковци- очевидец пријавил на полиција дека видел како е подметнат

Дејан Дејан

Тошковски за пожарите: Се разгледуваат сите опции и сценарио кое би можело да има друга позадина

Дејан Дејан

Локално население, грчки канадери, пожарникари и војници од АРМ го гаснеа пожарот во селото Николиќ

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе