Вести Македонија Топ вести

ЕК: Мешањето во судството предизвикува загриженост

Правосудните реформи продолжуваат, а мешањето и притисокот од другите  власти предизвикуваат сериозни загрижености во врска со независноста на судството. Ова е нотирано во извештајот на Европската комисија (ЕК) за владеење на правото во земјава објавен вчера. Забележано е дека постапката за разрешување на државниот обвинител Коцевски, открила недостатоци во правилата за разрешување и ризик од политизација.

„Иницијативите презентирани од Владата како целина за справување со корупцијата во голема мера се фокусираа на преземање „робусни мерки“ против судството, што во некои случаи предизвика сериозна загриженост во врска со почитувањето на независноста на судството и принципот на поделба на власта“, стои во извештајот на ЕК за владеење на право.

Во извештајот влегоа и изјавите на власта за распуштање на судскиот совет, но и интерпелациите за петте члена на Судски избрани во Собранието како и повиците за нивни оставки.

Иако интерпелациите немаат законска основа за разрешување на членовите на Судскиот совет, тие претставуваат де факто политичко изгласување за недоверба и како такви ризикуваат да ја поткопаат легитимноста и независноста на членовите на Советот стои во извештајот. Во него е наведена и оставката на Весна Дамева.

„Судиите и обвинителите се соочуваат и со зголемен притисок од јавни кампањи за оцрнување, онлајн и во медиумите, вклучително и од високи функционери на извршната власт и политичари. Претседателот на Судскиот совет поднесе оставка во декември 2024 година, наведувајќи прекумерен политички притисок како причина, додека продолжуваше да служи како член на Советот. Една недела подоцна, просториите на Судскиот совет беа претресени од полицијата, по известување од Министерството за внатрешни работи“, стои во извештајот на ЕК за владеење на право.

Нотирани се мекри за подобрување на транспарентноста, но и натаму останува и одредена загриженост во врска со одлуките за назначување во судството.

Судскиот совет постигнал напредок во однос на препораките на оценската мисија. Сепак транспарентноста сè уште се спроведува недоследно, бидејќи образложението честопати е недоволно поткрепено, пишува во извештајот според кој кај советот на јавни обивнители донесувањето одлуки е генерално помалку транспарентно.

Ограничените финансиски ресурси за судството продолжуваат да влијаат на неговата финансиска автономија. Иако недостатокот на човечки ресурси делумно беше ублажен со нови вработувања, недостатокот на персонал останува загрижувачки констатираат од ЕК. Ефикасноста на судството генерално се намали, како што се зголеми времетраењето на постапките за речиси сите категории предмети.

Во делот на антикорупцијата стои дека ризиците од корупција се високи, особено во областите на здравството и јавните набавки, додека последиците од политичкото влијание врз напорите за справување со корупцијата е истакнато како загрижувачко. За измените на Кривичниот законик од 2023 година пишува дека продолжуваат значително да ги поткопуваат напорите за борба против корупцијата, особено влијаејќи на гонењето на случаи на корупција на високо ниво.

ДКСК е помалку активна во откривање на корупција.

„Државната комисија за спречување на корупцијата продолжува да се фокусира на превенција и институционална соработка, но е помалку активна во откривање и пријавување на наводни случаи на корупција. Предизвиците во ДКСК остануваат во врска со персоналот, како и финансирањето и интероперабилноста на системите за управување со податоци. Заинтересираните страни изразија загриженост во врска со целокупниот недостаток на проактивност на ДКСК во покренување случаи и во проверка на фактите на случаите кога таа ги истражува наводите, што може да ја попречи нејзината ефикасност“, стои во извештајот на ЕК за право.

Случаите на корупција на високо ниво честопати се соочуваат со одложувања или резултираат со минимални казни, што го зајакнува скептицизмот на јавноста за ефикасноста на судството констатираат од ЕК.

Елена Ивановска Мукоска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Полетаа од Солун да гаснат кај Дојран – два грчки канадера попладнево на помош против пожарот во Николиќ

Дејан Дејан

Армијата се вклучува во гаснење на пожарите – претседателката Сиљановска Давкова ја потпиша одлуката

Дејан Дејан

Пет активни пожари во Скопје – Кризен штаб во владата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе