Зголемен број на пациенти кои побарале помош на Токсикологија. Станува збор за граѓани кои, покрај професионалците пожарникари, учествувале во гаснењето на пожарите. Дел од нив, заради сериозноста на состојбата, се хоспитализирани и се под интензивен надзор, дел, пак, по примената терапија се враќаат дома. На отворен простор е тешко да настанат тешки труења со отровни гасови, сепак се во простор со огромна концентрација на чад што може да предизвика сериозно нарушување на здравјето, вели професор Чибишев.
„Затоа апелирам тие што учествуваат секоја чест, јас им се поклонувам. Но, барем некаква заштита да користат. Не им помагаат намокрените крпи што ги ставаат, затоа што јаглеродниот моноксид не се раствара во вода и тој проаѓа низ крпата. Некаква маска нека носат, N95, но и таа многу нема да ги заштити. Но, колку толку ќе ги заштити од директна изложеност на отровните гасови и при тоа не само иритација, туку и оштетување на површниот слој на слузокожата на горните респираторни патишта и паѓање на имунитетот“, изјави проф. д-р Андон Чибишев, директор на Универзитетска клиника за токсикологија.
Граѓаните да ги почитуваат препораките на лекарите за движење на отворено, соодветна вентилација и сите насоки кои се дадени за ризичните групи. Загрижувачки е и ниската свест на оние луѓе кои токму сега спортуваат на отворено, без да размислат што вдишуваат, вели проф. Чибишев. Дополнителен проблем се дивите депонии и нивното палење што е сериозна закана по здравјето на граѓаните. Тоа не се планински пожари и многумина не се ниту свесни во која мера е загрозено нивното здравје.
„Кога горат депониите покрај јаглеродниот моноксид и јаглеродниот диоксид се ослободуваат и сулфур диоксид, азотни оксиди, цијанводород и најопасно тешки метали, кои што и на краток и на долг временски период може да предизвикаат многу сериозни нарушувања на здравјето кај деца и млади во развој. Може да предизвикаат сериозни ментални нарушувања, тешките метали навлезени во организмот многу тешко се елиминираат и долг живот на распаѓање“, додаде проф. д-р Чибишев.
Тие тешки метали се депонираат и во коскената срж и таму може да предизикаат пореметување на зреење на крвната лоза и сериозни крвни заболувања, додава Чибишев.
Нина Стефанова