Со двочасовна блокада на главниот влез во Битола од правецот на Скопје, жителите го искажаа својот револт против начинот на кој се изведува новиот булевар во овој дел од градот. Велат дека сообраќајница им го отежнува животот, ги уништува малите бизниси и ги остава без пристап до домовите. Бараат покрај главниото пат да има сервисна улица од каде ќе можат да влегуваат дома и во деловните објект, во спротивно ќе мора да ги затворат дуќаните.
- Немаме никаков пристап, немаме пристап ни од други улици, не можеме дома да си одиме, деловните простории нема да работат. Ни беше ветено дека ќе се направи привремена улица дури се прави патот, таа улица не е напрвена, вели Дарко Петровски.
- Имаме стовариште со стока, каде ќе ја носиме таа стока, што ќе правиме со добавувачите што ќе трееба да ги исплатиме, вели Цана Митровска, сопственик на стовариште.
Жителите тврдат и дека експропријацијата е спроведена противзаконски и покрај судските решенија во нивна корист, постапките не се запрени.
- Ми дојде пресуда дека се поништува бивното решение за експропријација и дека се враќа на повторн разгледување. Истиот ден ми се јавија од општина дека сакаат да дојдат да рушат, вели Тони Илиевски.
- Ова не е експропријација, ова е узурпација и конфискација. Во иднина не знам како ќе опстојуваме. Има куќи и дуќани кои немаат друг влез. Проектот е правен 1996 година, таков проект туркаат, а сега сме 2025. Сите сме легални, сите сме со приватизирани дворови. Зошто не легализраа, зошто ни ги приватизираа дворовите, вели Бенито Кузмановски, жител.
Од Општина Битола велат дека булеварскиот влез во Битола се гради според важечката урбанистичка документација. Во овој дел не се предвидени деловни објекти, а во некои случаи, велат, има и нелегални градби.
- „Оние градби кои имаат одобрение за градење, во проектната документација е утврден сообраќаен приклучок од секундарна сообраќајна мрежа, за што Општината презема активности за реализација на истата“, наведуваат од Општина Битола.
Реконструкција на делницата од 1,3 километри започна лани во јули, а досега се реализиирани 30 проценти. При неодманешната посета, премиерот Мицкоски рече дека не е задоволен од динамикта со која се изведуваат градежните работи.
Емилија Мисирлиевски