Силен ветер од јужен правец повторно го разгорува огнот над селото Николиќ кај Дојран. Ветрот што почнал пред околу два часа ги спречува пожарникарите и вработените во „Национални шуми“ да го локализираат огнот. Состојбата утрото била стабилна, но пламенот забрзано се шири, горејќи сува вегетација.
„Во текот на вчерашниот ден имаше обиди за негово санирање, а од утрово таму се 25 луѓе, 11 вработени во ЈП „Македонски шуми“, 7 од ТППЕ Гевгелија, 2 од ТППЕ Валандово и доброволците од доброволното противпожарно друштво „Дојран“. Она што се случуваше е следното – до 11 часот линијата на пожарот беше под контрола и огнот беше стивнат, но од 13 часот се појави јужен силен ветер кој буквално го однесе огнот на сите страни“, вели Кире Михаилов, заменик генерален директор на „Национални шуми“.
Пожарот се шири на повеќе страни еден крак кон Николиќ, а друг кон населеното место Ѓопчели.
„Нема опасност од зафаќање на куќите и да направи проблеми, но превентивно во комуникација со градоначалникот Анго Ангов бараме воздушна поддршка и истиот хеликоптер сабајлево гаснеше кај Чучер Сандево. Треба да одмори неколку часа и да биде пак на терен“, вели Михаилов.
Напорите на пожарникарите се до утре да се изолира со механизација територијата зафатена со пожар, за да може потоа и да се неутрализира. Пожарот во моментов гори нискостеблеста, деградирана шума и трева.
Сузана Мицева