Се чини како целата тежина на војната во Газа да паднала врз 3-годишниот Амр ал-Хамс. Со шрапнел во мозокот, по израелски напад врз семејниот шатор, Амр преживеал трагедија што ги одбележува дури и најцрните страници на конфликтот: неговата бремена мајка е убиена, а таткото парализиран од тагата.
Денес, Амр лежи во болница во Кан Јунис, не може да зборува, не може да се движи, слабее секој ден, а лекарите немаат доволно медицински средства за третман или рехабилитација. Неговата тетка, Нур, е неговата негувателка и постојано е до него, убедена дека очите што лутаат по собата ја бараат мајка му.
„Го чекаме да замине надвор од Газа на лекување, поради неухранетоста и најважно, шрапнелот во главата што ги предизвикува сите овие компликации. Секој ден состојбата се влошува,“ вели Нур, додека му подава мала топка за да му го одвлече вниманието.
Војната започна на 7 октомври 2023 година, кога Хамас изврши напад во Израел, убивајќи околу 1.200 луѓе и земајќи 251 заложник. Израел возврати со офанзива која, според Министерството за здравство на Газа, досега убила над 57.000 Палестинци – повеќето жени и деца.
Речиси 21 месец подоцна, здравствениот систем во Газа е уништен, а децата како Амр се оставени без надеж за соодветна нега.
Над 1.000 деца, според проценките, имаат повреди на мозокот, р’бетот или ампутирани екстремитети и чекаат евакуација – Амр е еден од нив.
Сѐ додека не се овозможи итно медицинско изнесување, овие деца остануваат заробени меѓу животот и смртта.