Десетици илјади верници се собраа во ирачкиот град Карбала во неделата за да го одбележат Ашура – светиот ден на кој шиитските муслимани ја оддаваат почит на маченичката смрт на Имам Хусеин, внукот на пророкот Мухамед.
Облечени во црно, мажи, жени и деца се собираа околу светилиштата на Имам Хусеин и неговиот брат Абас, изведувајќи традиционални обреди на жалење како удирање по градите, елегии и лелеци.
Годишното аџилак-патување во Карбала претставува еден од најголемите верски настани во шиитскиот свет.
Ашура има длабоко религиско и историско значење за шиитите, бидејќи го одбележува Битката кај Карбала од 680 година, кога Имам Хусеин и неговите најблиски беа убиени од силите на Омејадскиот калифат, поради неговото одбивање да му се поклони на тогашниот калиф. Овој настан го зацврсти расцепот помеѓу сунитскиот и шиитскиот ислам.
За шиитите, Ашура симболизира отпор кон тиранијата и борба за правда.
Оваа година, обележувањето на Ашура доаѓа во време на зголемени тензии на Блискиот Исток – по неодамнешната војна меѓу Израел и Иран, падот на сирискиот претседател Башар ал-Асад (сојузник на Иран) во декември и убиството на лидерот на либанската шиитска група Хезболах, Хасан Насрала.
Иако Ашура е првенствено религиозен настан, некои учесници во Карбала извикуваа антиамерикански и антиизраелски пароли. Многу транспаренти изразуваа поддршка за т.н. „Оска на отпорот“ – сојуз од проирански фракции и влади во регионот.