Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, изјави дека мора да има одговорност за трагедијата во „Пулс“, која ја оцени како најголема несреќа во поновата македонска историја.
Во годишниот отчет за работата на МВР, тој истакна дека е спроведена најобемната истрага досега, со поднесени кривични пријави против десетици лица – меѓу кои поранешни и актуелни министри, директори, градоначалници, раководители на институции и полициски службеници.
Потсети дека во пожарот животите ги загубија 62 млади луѓе, а над 200 беа повредени.
Тошковски нагласи дека МВР не останало само на истрагата, туку и обезбедило поддршка за повредените, вклучувајќи ја и рехабилитацијата во реновираниот комплекс на Пониква.
Тој подвлече дека Министерството денес има активна и присутна полиција на терен, но истовремено посочи дека предизвиците со криминалот и корупцијата остануваат големи, со мрежи и структури кои сè уште се обидуваат да задржат статус кво.
Во изминатата година, МВР разбило 14 организирани криминални групи со над 200 сторители, вклучително и група вмешана во девет убиства и напади врз полицијата.
За корупција се поднесени пријави против 125 физички и правни лица, со штета од над 17 милијарди денари.
Во борбата против наркотиците, запленети се 430 килограми најразлични видови дрога и откриени три обиди за меѓународен шверц.
„Нема недопирливи – правдата ќе стигне до секого“, заклучи Тошковски.